1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Старите фотографии најмногу кажуваат кои сме

Македонскиот центар за фотографија поседува вредна колекција од фотографии и негативи од крајот на 19 век и потоа. Како опстојува старата фотографија како уметнички потенцијал во амбиент на замрена фотографска сцена?

Најстарата фотографија од збирката на Македонскиот центар за фотографија датира од 1893 година, од битолскиот фотограф Анастас Лозанчев. Претставува група ученици од француското училиште во Прилеп. „Во Македонија постојат и постари фотографии. Тие најчесто се чуваат во приватни колекции затоа што досега не се правени никакви истражувања“, вели Роберт Јанкулоски, директор на Македонскиот центар за фотографија, во разговорот за ДВ.

Оваа збирка на фотографски материјали ја сочинуваат 80 илјади единици што се собрани во Македонскиот центар за фотографија во изминатите 12 години.

„Тринаесет илјади се негативи на стакло, стаклени плочи кои се многу вредни, една илјада и 300 оригинални ’винтејџ’ копии (фотографии кои се направени од самите фотографи меѓу кои и од браќата Манаки), негативи на пластична подлога, како и 86 фотографии од браќата Манаки, кои се направени од оригиналните стаклени плочи“, објаснува Јанкулоски.

Blagoja Zezoski Kind mit Birne Prilep um 1929

Благоја Жежоски „Дете со круша“ Прилеп 1929

 Јанкулоски ја издвојува фотографијата „Дете“ што ја направил Благоја Жежоски во 1929 год.

„Според мене, тоа е една од највредните фотографии од тоа време затоа што на неа е прикажано дете кое е снимено со три експозиции, значи- на една плоча има три фотографии. И од денешен аспект тоа не е едноставно да се направи, а замислете што значело за тоа време кога се работело со примитивна техника. На таа фотографија сме многу горди и често ја изложуваме на различни изложби на фотографија“, вели Јанкулоски.

Hristo Damkaroski Prilep um 1910

Христо Дамкароски, Прилеп 1910

Дел од оваа збирка се и фотографиите од Лазар Кермеле од Битола од крајот на 19 век, 4 оригинални фотографии од браќата Манаки, од крушевскиот фотограф Кочо Николаидис од 1899 година, но и од Христо Димкароски, Мирослав Бељан, Зафир Ошавков и неговиот татко Васил Ошавков, Јонче Поп-Стефанија, Ставре Попоски од Струга.

Богатство во албумите и -подрумите

Фотографските материјали во Македонскиот центар за фотографија се во релативно добра состојба и се чуваат во добри услови. Во центарот се врши дигитализација на фотографиите. Но, ниту една институција во Македонија не работи на реставрација или конзервација на фотографиите затоа што тоа е мошне скап процес. „Единствено Кинотеката на Македонија има депоа каде што се чуваат вакви материјали и тие ги задоволуваат светските стандарди“, истакнува Јанкулоски.

Lazar Kermele Bitola vor 1900

Лазар Кермеле, Битола пред 1900

„Некои фотографии беа целосно уништени , некои делумно оштетени. Тоа е со времето. Сепак тие се од 20-тите години на 20 век, поминале многу време, локации... Некои се чувани во подруми каде што има многу влага, а влагата е една од најголемите опасности за фотографијата и фотографските материјали. Најпрвин фотографиите се чистат од надворешните нечистотии. На дел од овие фотографии имаме направено дигитализација односно скенирани се негативите, но тоа не значи и заштита на фотографиите. На овој начин ние ја заштитуваме само информацијата што ја носи фотографијата, но не и самата фотографија“.

Дигитализација или реставрација: како да се зачуваат старите спомени?

Светот расправа околу дилемата дали да се дигитализира или да се реставрира едно фотографско дело. „Културното богатство не се заштитува со дигитализација“, тврди Јанкулоски.

„Дигитализација е само фото-документација. Но, постои и т.н. дигитална реставрација на фотографијата која подразбира ретуширање. Гребаниците и оштетувањата на фотографијата кои настанале со текот на времето, сега со новите софтвери едноставно можат да се отстранат. И ние тоа го правиме. Дали старите фотографии да се исчистат до мера да изгледаат како нови (фотографијата да се врати во истата состојба како кога ја снимил фотографот) или пак да се сочуваат онакви какви што се сега? Според мене, треба да се најде средината. Реставраторот треба да знае колку да исчисти, а колку да задржи за сепак да се сочува таа патина, трага“.

Јанкулоски: Тука е целата историја на Македонија

Kollektion von Kiril Minoski Prilep

Аноним (од колекцијата на Кирил Миноски)

Проектот стара македонска фотографија- собирањето, истражувањето, заштитата и презентацијата на фотографиите и фотографските материјали е една од главните активности на Македонскиот центар за фотографија во изминатите 12 години колку што постои. Кинотеката на Македонија направи валоризација на фотографската збирка од Македонскиот центар за фотографија, а наскоро треба да добие и сертификат од Управата за заштита на културното наследство дека станува збор за збирка со исклучително значење и вредно културно наследство.

Македонскиот центар за фотографија поседува и колекција од се’ уште необработени, повеќе од 100 илјади новински фотографии односно негативи од дневните весници на новинско-издавачката куќа „Нова Македонија“ кои датираат од 70-тите до крајот на 80-тите години. Материјалите биле подготвени за фрлање, но на среќа во 2005 година биле собрани и денес се чуваат во центарот. Според Роберт Јанкулоски ова е многу важна збирка што ја поседува Македонскиот центар за фотографија, а ќе следи и нејзината валоризација.

Музеј на фотографијата...

Третманот на фотографската уметност во Македонија и нејзиното маргинализирање во културното живеење, одеа паралелно со згаснувањето на фото клубовите во земјата. Едукацијата од оваа област се случува инцидентно, а на академско ниво- од пред три години. Фото изложби речиси- нема! Македонската фото-сцена подолго време е во криза, а не постои ни амбиент за истражување на старата фотографија и нејзините вредности. Сепак, во другите земји стратегијата за заштита на старите фотографии ја финансира државата.

Целта на Македонскиот центар за фотографија е да прерасне во музеј на фотографијата, со депоа и сопствен галериски простор.