1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

“Старата Европа е речиси нова!“ - троен самит Запатеро, Шредер, Ширак

default

Шпанија, Германија и Франција заеднички ќе се заложат за што е можно побрза ратификација на Европскиот устав. Ова е централен елемент на европската интеграција, нагласија домаќинот Хозе Луис Запатеро и гостите од Берлин и Париз, Герхард Шредер и Жак Ширак на првиот троен самит во Мадрид. Германскиот канцелар и францускиот претседател особено ја истакнаа промената на курсот на новата шпанска влада кон Европа.

“Старата Европа е речиси нова!“ - со овие зборови домаќинот Хозе Луис Запатеро на кусо ја дефинираше симболичката важност од првата тројна средба. Таа беше можна токму преку пресвртот во надворешната политика што тој го оствари по доаѓањето на премиерската функција пред пет месеци. За разлика од неговиот претходник, конзервативниот Хозе Мариа Азнар, кој решително застана на страната на Американците во спорот околу ирачката војна, социјалистот Запатеро најави враќање на Шпанија во срцето на Европа.

Гостите од Берлин и Париз очигледно знаеја доволно да го ценат ваквиот чекор на новиот шпански премиер. Тие и на вчерашниот троен самит во Мадрид изрично ја пофалија и улогата што Запатеро ја одигра во усвојувањето на европскиот устав:

“Без владата на Запатеро, тоа може да се искаже со еден голем комплимент, немаше да го имаме заклучокот за Уставот таков каков што го имаме сега!“

Тројцата државници се заложија за што е можно поскорешно ратифицирање на Уставот во земјите членки. Канцеларот Шредер при тоа смета дека се ќе мине во најдобар ред и не ни размислува за некаков резервен план во случај на отпор во националните парламенти.

Меѓу Запатеро, Шредер и Ширак владееше единство и што се однесува до Турција како кандидат за прием во ЕУ. Тие побараа од Турција да продолжи со реформите, но исто така нагласија дека земјата веќе постигнала виден напредок.

Заедничката оцена на состојбата во Ирак, пак, ја пренесе францускиот претседател:

“Сметам дека во Ирак се отвори една Пандорина кутија, која сега не можеме повеќе да ја затвориме.“

Но, ни Ширак ни Шредер не се сложија со оценката на Запатеро дека по шпанските, Ирак треба да го напуштат и другите војници од коалицијата. Шпанија, Германија и Франција се договорија во иднина уште подобро да ја координаираат борбата против тероризмот и тоа така што ќе ги врзат во заедничка мрежа казнените регистри.

На сето ова единство, остана сепак и една тема каде позициите се разликуваат и тоа темелно. Тоа е финансискиот план на ЕУ за периодот од 2007-та до 2013-та, бидејќи Шпанија би сакала да ги задржи субвенциите од европската каса за неразвиените региони, а Германија и Франција како нето плаќачи имаат намера да се заложат за штедење.

“Ќе ни остане уште многу работа“ - најави канцеларот Герхард Шредер, а домаќинот Хозе Луис Запатеро ја заврши тројната средба во Мадрид со најавата дека по неа ќе следат и други. Останатите земји членки на ЕУ меѓутоа не треба да се чувствуваат изолирани од новата европска тројка.