1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стано: Филе нема да биде посредник во дијалогот Белград- Приштина

Портпаролот на еврокомесарот за проширување Петер Стано денеска (14.04) негираше дека Штефан Филе би можел да ја преземе посредничката улога во преговорите меѓу властите на Србија и на Косово.

По денешните наводи на белградскиот дневен весник „Блиц“ дека високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон нема повеќе да посредува во дијалогот меѓу Белград и Приштина и оти нејзин веројатен наследник е еврокомесарот за проширување Штефан Филе, неговиот портпарол Петер Стано ги демантираше ваквите информации.

„Тоа едноставно не е вистина“, кусо изјави Стано за српската новинска агенција Танјуг.

Весникот Блиц во денешното издание, повикувајќи се на дипломатски извори, објави дека комесарот на ЕУ за проширување Штефан Филе од порано е заинтресиран за улогата на посредник во разговорите меѓу Белград и Приштина.

Според Блиц, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон ја завршила својата улога како посредник по осум рунди разговори меѓу премиерите на Србија и на Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, кои останаа без финален договор.

Претставниците на двете земји, во осмата рунда од дијалогот на 2 април во Брисел, не успеаја да постигнат согласност за надлежностите на заедницата на српски општини која српската влада сака да биде формирана на северот на Косово.