1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стано: билатералните проблеми да не бидат пречка за прием во ЕУ

Европската комисија е свесна за бројните отворени билатерални прашања на балканскиот регион и преку својот портпарол испрати порака дека тие не треба да заддржуваат ниту една земја во процесот на пристапување кон ЕУ.

„Ние сме свесни за големиот број на отворени билатерални прашања во регионот и ги поттикнуваме земјите што се опфатени од нив што е можно поскоро да ги решат истите во добрососедски дух. Земајќи ги предвид севкупните интереси на ЕУ, со нивно решавање, отворените прашања не би претставувале проблем за стабилноста и добрососедските односи, кои се потребни за земјите да продолжат брзо да напредуваат кон ЕУ врз основа на нивните реални постигнувања во исполнувањето на неопходните критериуми“, вели портпаролот на еврокомесарот Штефан Филе, Петер Стано, додавајќи дека: „Билатералните прашања не треба да задржуваат ниту една земја во процесот на пристапување кон Европската унија”.

Бугарија, по Грција, е втората членка на ЕУ која се заканува дека ќе стави вето на евроатлантските интеграции на Република Македонија поради отворени историски прашања.

Peter Stano Pressesprecher der EK für Erweiterung und Nachbarschaftspolitik

Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување Штефан Филе

„Ние никогаш не коментираме, ниту интепретираме изјави на преставници на земјите-членки на ЕУ. Сепак, како што комесарот Филе рече за време на прес-конференција со претседателот Иванов во вторникот „прашањата на регионалната соработка и добрососедските односи претставуваат суштествен дел од процесот на пристапување кон Унијата. Исто така, во рамки на ЕУ, добрососедските односи се еден од темелите на интеграција и принципите на нашето друштво“, посочи Стано.

По проблемот со филмот „Трето полувреме” и проблематизирањето на најавената изложбата во октомври на стари македонски ракописи во кралскиот музеј на Мариемонт во Белгија, изјавата за „црвени линии” на бугарскиот министер за надворешни работи Николај Младенов е продолжување на антимакедонската политика на бугарските официјални лица.

Македонската агенција МИА пренесува дека за разлика од Грција, во бриселските институции се коментира оти Бугарија нема поддршка од останатите, посебно посилните членки на Европската унија и освен дневнополитички проблеми, таа не може да и’ направи некаков поголем проблем на Македонија, како што е ставање на вето при приемот во Унијата или во НАТО.