1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Станови се’ помалку, кириите растат

Германската влада е алармирана: во земјата е забележано намалување на станбениот простор по прифатливи цени во големите градови. Ситуацијата би можела и да се влоши. Кириите во некои градови достигнаа рекордни цени.

Она што граѓаните го забележуваат веќе подолг период, конечно го открија и политичарите: станбен простор има се’ помалку во германските градови, а тоа особено се однесува за становите кои можат да си ги дозволат граѓаните со просечни примања. Особено овие денови кога започнува академската година, во германските универзитетски градови не се бараат само станови и соби туку и кревети.

Проблемот, не само на пазарот за студентско сместување, го увиде и германската влада. Таа во својот втор извештај за состојбата на пазарот за недвижности заклучи дека во моментов станува збор за „веќе долго невидена“ ситуација во која пазарот е во недостаток на станови со прифатлива цена. Во истиот извештај се зборува и за рекордно високите станарини како и за намалување на бројот на станови прилагодени на стари лица.

Wohnungsbau in München

Новоградби во Минхен

Најскап е и понатаму е Минхен

Последица на зголемената побарувачка се гледа најдобро во универзитетските градови како Грејфсвалд каде кириите во споредба со минатогодинешните пораснале дури за 10,4%. Слична е состојбата и во други градови со големи универзитети како Хамбург, Фрајбург и Бремен. Германскиот министер за транспорт и градежништво, Петер Рамзауер предупреди од заканувачко влошување на состојбата на пазарот на недвижности. Тој апелираше сојузните покраини да се активираат во секторот за градење на станови по пристапни цени.

Но владиниот извештај исто така покажа различен регионален развој на цените на недвижности. Освен во помалите универзитетски градови, каде што студентите влијаат на зголемување цените, кириите се во натамошен пораст и во традиционално скапите поголеми градови на западот на земјата меѓу кои прв е Минхен каде што станарините се качуваат и до 21 евро по квадратен метар, а цените се слични и во Диселдорф, Хамбург и Келн. Становите на западот на земјата се поволни единствено во Рурската област каде цената по квадратен метар, дури ни во подобрите населби, не надминува 10 евра. На истокот на земјата цените се и понатаму стабилни, а во некои региони подалеку од големите градови поради отселување на населението, цените на недвижностите се дури и во опаѓање.

Становите како инвестиција

На развојот на цената на пазарот на недвижности, без оглед дали се работи за станови за изнајмување или за продавање, влијае и фактот дека во времето на глобална криза многумина се вртат кон недвижностите како најсигурна инвестиција. Здружението на германски станари побара од владата да започне со „конкретни мерки“ кои би придонеле до зголемено градење станови. Ова здружение истовремено го критикуваше и „скратувањето“ средства во секторот на социјално домување како и намерата да се смени законот кој ја регулира киријата на становите во полза на сопствениците на станови.

Владата наводно планира да го олесни укинувањето на наемниот договор од страна на изнајмувачите. Пазарот во меѓувреме реагираше на зголемена побарувачка за станови, но ќе помине некој период пред тоа да може да се осети и во стабилизирањето на цените.