1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Стандарт“: Самарас во Софија заради Македонија

Една од главните теми на претстојната посета на грчкиот премиер Андонис Самарас на Бугарија треба да биде Македонија односно нејзината кандидатура за ЕУ во контекст на добрососедските односи во регионот.

Грчкиот премиер Андонис Самарас наскоро ќе ја посети Софија. На разговорите со неговиот бугарски колега Бојко Борисов главна тема би требало да биде односот на двете земји кон кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ, пишува софискиот весник „Стандарт“.

Бугарскиот весник потсетува дека Грција и Бугарија веќе имаат усогласена позиција оти влезот на Македонија во ЕУ е можен само со добрососедски односи - принцип кој, според Атина и Софија, Скопје не го почитува.

Посетата на грчкиот премиер на Бугарија била договорена за време на средбата на Самарас и Борисов во Атина во декември, пред Самитот на ЕУ, на кој се разгледуваше и препораката на Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Македонија.

Самарас за време на посетата планирана за февруари, освен со Борисов, ќе се сретне и со претседателот на Бугарија Росен Плевнелиев и со спикерот на Парламентот Цецка Цачева.

Пред да дојде во Софија, грчкиот премиер на 8 јануари во Берлин ќе разговара со германската канцеларка Ангела Меркел. Официјалниот повод за престојот на Самарас во Берлин, што коинцидира со одамна најавената посета на медијаторот на ОН во грчко-македонските разговори за името Метју Нимиц на Атина, не е средбата со Меркел, туку учество на економска конференција.