1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Стандард и Пурс“ го намали рејтингот на Шпанија

Нов удар за кризната земја Шпанија. Рејтинг агенцијата „Стандард и Пурс“ натамошно го намали бонитетот на оваа земја. Изгледите исто така не се позитивни.

Американската рејтинг агенција „Стандард и Пурс“ повторно ја намали кредитоспособноста на Шпанија. Бонитетот на земјата се проценува на ниво „БББ минус“, наместо „БББ плус“ и со тоа е две нивоа подолу отколку досега. Изгледите се негативни, соопшти најголемата рејтинг агенција. Конкретно ова значи дека се заканува натамошно намалување на бонитетот.

Како главна причина за ваквиот потег „Стандард и Пурс“ ја наведува заострената рецесија, која го стеснува просторот за делување на владата во Мадрид. Исто така се смета за веројатно дека растечката невработеност и принудните расходи ќе ја зголемат затегнатоста меѓу централната влада и регионалните парламенти. Некои региони, како Каталонија, во меѓувреме сериозно размислуваат дали да се заложат за независност од Шпанија.

Според „Стандард и Пурс“ исто така постои сомневање дали има волја кај некои членки на еврозоната, трошоците за рeкапитализирање на шпанските банки да се распрелат меѓу сите членки.

За спасот меѓународните донатори веќе ветија 100 милијарди евра. Барање за помош од европскиот спасувачки фонд ЕСМ за целата земја, владата на премиерот Маријано Рахој досега нема поднесено.