1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ставрески тврди дека денарот е стабилен

Нема ниту една причина, ниту некаков реален економски фактор за промена на курсот, изјави денеска македонскиот министер за финансии Зоран Ставрески, нагласувајќи дека денарот ќе остане стабилен.

default

Ставрески изјавата ја даде со намера да демантира одредени шпекулации, кои, како што рече, се појавиле деновиве на социјалните мрежи и на одредени портали за наводна промена на курсот на 75 денари за едно евро.

„Како министер за финансии во име на владата сакам официјално да ги демантирам овие шпекулации“, изјави Ставрески оценувајќи дека се работи за една обична лага и груба невистина, којашто веројатно, според него, е смислена со цел да се внесе психоза и страв кај населението. Тој притоа им порача на граѓаните и на стопанските субјекти да не наседнуваат на ваквите лаги, да продолжат да веруваат во домашната валута и да штедат во денари, бидејќи каматната стапка е прилично повисока од каматната стапка на девизите.

Како најголем гарант за стабилноста на денарот, Ставрески го посочи нивото на девизни резерви, коешто, според последните податоци на НБМ за јули, достигна највисоко историско ниво од 2,096 милијарди евра.

„Исклучително високото ниво на девизните резерви е гарант за стабилноста на курсот, а покрај тоа постои и ниско ниво на буџетски дефицит, ниско ниво на задолженост на земјата, извонредна координација на фискалната и монетарната политика што заедно со стабилниот банкарски сектор дава сигурност дека и понатаму ќе има стабилен девизен курс“, порача Ставрески.

Министерот за финансии изрази уверување дека стапката на инфлација до крајот на годината нема да надмине три отсто

„Нашата проекција за инфлацијата оваа година беше дека ќе се движи меѓу 2,5 и 3,0 отсто. Засега е нешто пониска од тоа ниво. Но, со последните податоци, веројатно ќе се приближи до три проценти, што секако и натаму е ниска инфлација, која не предизвикува позначајни промени во однос на параметрите на економската политика“, рече Ставрески.