1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Стабилно Косово е стратешка цел на Македонија“

Аналитичарите и политичарите во Македонија се согласни со тезата, дека прекројувањето на границите е опасен процес и евентуалната поделба на Косово е закана и за стабилноста на Македонија.

default

Стабилно Косово е стратешка цел на Македонија, е заедничката оценка на аналитичарите и политичарите во Македонија, кои ги анкетираше Дојче веле. Нивните оценки се различни во однос на тоа, дали политичарите од албанскиот политички блок повеќе се загрижени за стабилноста на Косово, отколку за ситуацијата во Македонија.

Трајанов: Изјавата на Ахмети е неприфатлива

За пратеникот Павле Трајанов изјавата на Али Ахмети, во која лидерот на ДУИ вели дека евентуална поделба на Косово би предизвикала дестабилизација во Македонија, е неприфатлива. Во изјавата за Дојче веле Трајанов вели, дека за жал врвен приоритет на албанските политичари во Македонија е Косово, а не Македонија.

„За жал нивен врвен приоритет е Косово, независноста, стабилноста да не се подели Косово, помалку водат сметка за внатрешните состојби во Македонија. Досега не изградивме систем да се почитуваат вредностите во Македонија. Последната изјава на Ахмети е во функција на задржување на целовитоста на Косово и немам проценка, дека таа ќе има рефлексии врз стабилноста на Македонија“.

Мехмети: Сите треба да сме заинтересирани за стабилноста на Косово

Изјавата на Ахмети во која тој вели дека ако има обиди за промена на границите на Косово, не презема одговорност да биде чувар на мирот во Македонија е разбирлива за писателот Ким Мехмети.

„Не само албанските политичари, туку сите ние треба да сме заинтересирани за стабилноста на Косово, и да се сочува нејзиниот интегритет исто колку што сме заинтересирани за Македонија од причина, што било да се случи таму ќе има последици во Македонија“, вели Мехмети.

Мехмети смета, дека не само Ахмети, туку никој во Македонија не може да гарантира стабилност во Македонија, ако дојде до корекција на границите на Косово, од причина што Албанците во Македонија нема да бидат набљудувачи на ситуацијата што ги тангира и нив. Својата теза ја објаснува со прашањето: „Која ќе е тезата, Албанците да асистираат во постоењето на пет балкански држави, кога некој се’ уште се води по логиката, секое село во кое живеат Срби да биде прогласено за Србија“, вели Мехмети.

Евентуланата поделба на Косово е закана за стабилноста на Македонија, оценуваат Трајанов и Мехмети

Мехмети и Трајанов се согласни во оценката дека евентуланата поделба на Косово е закана за стабилноста на Македонија и во толкувањето на изјавата на Ахмети, како порака до авторите на идеите за нови граници. Прекројувањето на границите е исклучително опасен процес. Стратешки интерес на Македонија е неменливост на границите, бидејќи поделбата на Косово е опасна за нејзината стабилност.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM