1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стабилноста на источна Африка е под закана

Сомалиската исламистичка милиција Ал Шабаб стана позната за пошироката светска јавност дури со нападот врз трговскиот центар во Најроби. Експертот за тероризам Гидо Штајнберг стравува од дестабилизација на целиот регион

Дојче Веле (ДВ): Која е целта на нападите во Најроби?

Гидо Штајнберг: Сѐ уште сосем прецизно не знаеме која е заднината на тој напад. Изгледа дека напаѓачите се кениски активисти кои и‘ припаѓаат на исламистичката милиција Ал Шабаб од Сомалија. Врз основа на тоа можеме да заклучиме дека тоа е обид Кенија да се натера да ги повлече своите трупи од соседна Сомалија, како и да и‘ се стави крај на репресијата врз членовите на Ал Шабаб во Кенија. Кенија остро постапува против милитантнте исламисти во рамките на своите граници од 2006. година наваму а од 2011. година земјата има свои војници во Сомалија. Кениските трупи таму се борат на страната на мировниците од Африканската унија и Ал Шабаб претрпе тешки порази.“

ДВ: Дали местото на нападот е избрано за да се привлече што е можно поголемо внимание?

Гидо Штајнберг: Тоа е неспорно. Нападот би привлекол големо внимание и да станува збор за трговски центар во кој купуваат главно Кенијци, но кога како цел ќе се најдат државјани од западните земји, тоа внимание е уште поголемо. Тоа е во природата во исламскиот тероризам. Треба да се сочекаат информациите за тоа дали Ал Шабаб работел сам или со партнери од други организации, можеби со некои кои се уште поблиски до Ал Каеда“.

ДВ: Ова не е прв терористички напад во Кенија, но најтежок во последните 15 години. Што говори тоа за безбедносната ситуација во источна Африка? Дали конфликтот во Сомалија се прелева и врз други земји?

Гидо Штајнберг: Да, овој напад покажува дека сомалискиот конфликт сѐ повеќе се проширува и врз соседните земји. Тоа веќе го видовме при нападите за време на Светското првенство во фудбал во 2010. година, потоа врз еден рагби тим и врз еден етиопски ресторан во главниот град на Уганда, Кампала. Ал Шабаб во тие напади имаше слични мотиви. Стануваше збор за мировниците од Уганда, кои уште тогаш дејствуваа во Сомалија, сакаа да ги принудат на повлекување. Сега нешто слично се случува и во Кенија. На некој начин таквата ескалација можеше да се предвиди“.

Arabischer Frühling und die Herausforderungen

Гидо Штајнберг

ДВ: Зошто?

Гидо Штајнберг: Пред сѐ, судирите во Сомалија ионака се прелеваат во Кенија. Тука има голем број бегалци од Сомалија. Гледаме сѐ поголема радикализација на исламистите, а власта на тоа реагира брутално, но ефикасно. Освен тоа, тука е и воената интервенција во соседната држава. Тоа по правило води до ситуација во која милитантните групации, во случајов Ал Шабаб, бараат други начини на борба. Тоа се познати терористички методи. Овој судир преминува на меѓународно ниво и неговото влијание јасно се чувствува во Кенија.

ДВ: Кој им пружа поддршка на исламистите во Кенија и во регионот?

Гидо Штајнберг: Во Кенија, Ал Шабаб има многу симпатизери. Постои силно исламистичко подземје, дел од населението се смета себеси повеќе како дел од арапскиот свет, отколку од Африка, особено во крајбрежните области. Освен тоа, властите реагираат со репресија врз исламистите.

ДВ: Значи крај на судирите во Сомалија не е на повидок?

Гидо Штајнберг: Многу набљудувачи веруваа дека смирувањето на воената ситуација во Сомалија, стабилизацијата на власта и ослабнувањето на Ал Шабаб ќе доведат со смирување на општ план. Но такво нешто, во принцип, не треба да се очекува кога во соседните земји остануваат нерешени толку многу конфликти на религиозен, општествен, културен и политички план. Ал Шабаб во моментов има лоши карти во Сомалија. Тие се борат со сите средства, а тоа би можело да доведе до дестабилизација на целиот регион“.

Гидо Штајнберг е експерт за тероризам во берлинската фондација „Наука и политика“