1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Стабилен подем во земјите на ОЕЦД

Стопанскиот пораст во земјите од зоната на еврото се зацврсти и во наредната година треба да изнесува во просек еден и пол до два процента, прогнозира Организацијата за економска соработка и развој - ОЕЦД.

default

Логото на Организацијата за економска соработка и развој

Наспроти стабилизирањето на стопанскиот пораст експертите на ОЕЦД забележуваат дека расте и притисокот за штедење и консолидација на националните буџети поради високата презадолженост. ОЕЦД затоа бара воведување кризен механизам и автоматски санкции против државите - буџетски грешници.

Главниот економист на ОЕЦД Пјер Карло Падоан самокритички забележа дека економистите предоцна ги осознале причините за кризата на еврото. „Ние, научниците-економисти, со неколку исклучоци, мораме да си признаеме вина дека ја согледавме финансиската ситуација, но запоставивме други работи, кои потоа се покажаа како многу важни“.

Pier Carlo Padoan OECD

Пјер Карло Падоан, главен економист на ОЕЦД

На пример, одамна постоеја различни конкурентски услови во Европа, а тие, поврзани со заедничко платежно средство, ја донесоа акутнава криза, смета Падоан.

Фактор - германско обединување

Во барањето на причините, раководителот на Центарот за студии за европската политика од Брисел, Даниел Грос, дури се враќа 20 години назад. „Во основа, сите проблеми што денес ги имаме на европската периферија, настанаа со германското обединување. Тоа доведе до бум во градежништвото и потрошувачката во Германија, со тоа и до скок на каматите, а остатокот од Европа мораше да го прави спротивното. Од 1995 година работите се свртија: Германија мораше десет години да ’го стега ременот’, додека другите, благодарение и на бумот на кредитирањето ширум светот, можеа да трошат повеќе. Сега тркалото повторно се врти.“

Неодржлива состојба

Севкупното задолжување на државите во наредните две години ќе порасне на 90 проценти од домашниот бруто-производ, проценува ОЕЦД, а со пактот за стабилност се дозволени само 60 проценти. За главниот економист на ОЕЦД тоа е еден од главните проблеми на сите земји од таа организација, неиздржлив на долг рок.

Dossierbild 1 Griechenland Generalstreik

Протест против мерките за штедење во Грција

„Најдобро решение е значителна финансиска консолидација и решавачки структурни реформи, за да се предизвика стопански пораст. Сметаме дека тоа е патот што води напред“, вели Пјер Карло Падоан.

И Даниел Грос смета дека има основа за оптимизам: „Влијанието на сегашните реформи во Грција и други земји ќе се покаже по извесно време. Но, прашањето што денес си го поставуваме гласи: Дали финансиските пазари ќе им дадат доволно време на земјите за да ги изведат тие реформи? Германија имаше доволно време. Грција евентуално можеби и ќе го нема потребното време“.

Во моментов никој не сака да предвиди такво сценарио. Мерки што би спречиле да не дојде до таму, според ОЕЦД, се траен кризен механизам и остри, навремени и автоматски санкции против дефицитските грешници.

Автор: Кристоф Хаселбах/Зоран Јордановски

Редактор: Горан Чутаноски