1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Српските политичари се‘ почесто во Русија

Комплетниот врв на српската власт, се чини, почесто е во Русија отколу во Србија. Дали главна причина за толку честите средби е потрагата по пари и кредити или јакнење на политичките врски и барање политичка поддршка?

Во текот на целото лето во посета на Mосква се менуваа претседателот на Србија Томислав Николиќ, премиерот Ивица Дачиќ и првиот поптпретседател на владата Александар Вучиќ, а инаку уште сега се најавува средба на Томислав Николиќ со рускиот претседател Владимир Путин за 11. септември во Сочи.

Парите сепак главен мотив?

За надворешнополитичкиот новинар на весникот „Политика“ Слободан Самарџија е јасно - променета е политиката на Србија, посебно во однос на странските партнери.

„Работата е едноставно логична, од проста причина што она што сакавме да го направиме со Запад и со ЕУ, не оди толку брзо колку што сакавме. Се разбира, никој не се одрекува од линијата кон ЕУ, но факт е дека постои и друга линија која пред се‘ оди кон Русија како традиционален српски партнер. Она што моментно се бара од Русија е повеќе на економски план, зашто се разбира во оваа тешка ситуација на сите им требаат пари. Верувам дека српските политичари одеа не толку во потрага по политичка поддршка од Москва, која постои одамна, туку едноставно да испитаат какви зделки можат да прават со Русија во иднина“, смета Самарџија.

Свесност за политичката ситуација

Игор Новаковиќ, експерт од Фондацијата ИСАК, за Дојче веле вели дека новата српска влада своите надворешно-политички приоритети ќе ги дефинира дури во слендите неколку месеци, но дека без оглед на срдечноста на односите со Русија, ЕУ ќе остане приоритет на властите.

„Во секој случај, мислам дека новата власт е свесна за геополитичката ситуација во која се наоѓа Србија и дека тука нема многу маневарски простор. Околу некои прашања е веројатно можна согласност со Русија, тоа пред се‘ е односот на Србија кон НАТО, односно зачувувањето на воената неутралност. Тоа во секој случај би и‘ одело во корист на Русија и нејзината надворешно-политичка безбедносна визија. Од таа страна согласноста веројатно може да се постигне, но не и нешто подалеку, зашто мислам дека европските интеграции се апсолутен приоритет на владата“, вели Новаковиќ.

Serbien Aleksandar Vucic

Во Русија престојуваше и министерот за одбрана Александар Вучиќ

ЕУ го диктира степенот на односите со Русија

Србија, како земја која сака полноправно членство во ЕУ, би требало во тој смисол да следи некоја заедничка европска политика, која често се разликува од руската политика. Тоа го отвора прашањето - колку далеку може Србија да оди во соработката со Москва, а да не ги загрози европските интеграции. Слободан Самарџиќ за Дојче веле оценува дека тоа е повеќе прашање за Брисел и за Москва отколку за Србија.

„Тоа е работа која мора да ја реши самата ЕУ, поточно дали се согласува држава како Србија да соработува подеднакво со двете страни. Значи, некој таков, би рекол, вештачки судир кој постои на релација Русија-ЕУ се крши преку нашиот грб и грбот на останатите земји кои би се вклучиле во таа соработка. Едноставно, тоа мора да се реши на релација Москва-Брисел. Ако не се реши, долго ќе се провлекува и нема да користи никому. Зашто, повторувам, Русија не ни е важна само нам, таа и‘ е важна секако и на ЕУ. Според тоа, решението треба да се бара на други нивоа, а Србија не може да учествува во тоа. Белград само може да води сметка и да се прилагодува“, нагласува Самарџиќ.