1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Српските медиуми се заморија од слободата

Различни истражувања на домашни и странски организации покажаа дека во последните три години доаѓа до слабеење на медиумските слободи во Србија, преку јакнење на цензурата, но и автоцензурата.

default

Секако најдраматичен беше извештајот на Советот за борба против корупција, кој може да се чита и како крими-роман од кој јасно се гледа спрегата на политиката, сопствениците на маркетинг-агенциите, тајкуните и сопствениците на медиумите.

Вукашин Обрадовиќ, претседател на Независното здружение на новинари на Србија не е оптимист ниту за оваа година, особено што се работи за изборна година.

„Тој обрач околу медиумите се стега од две причини, поради зајакнатата улога на државата и нетранспарентната сопственост, што овозможува нетранспарентност на уредувачката политика и ја зголемува автоцензурата кај новинарите. Тој негативен тренд добива на замав и верувам дека во следната година слободата на медиумите ќе биде позагрозена отколку во минатата, имајќи предвид дека ќе имаме избори“, вели Обрадовиќ.

Масовна цензура

Медиумскиот експерт Раде Велјановски вели дека се стекнува впечаток оти денес во Србија има помалку острови на медиумска слобода отколку во времето на режимот на Слободан Милошевиќ.

„Имам впечаток дека еден број новинари, но и цели медиуми се заморија од таа битка за слобода и дека сега, притиснати под нови околности на тајкунско-политичката завера против слободата на медиумите, не успеваат повеќе да им одолеат на притисоците. Понекогаш и со носталгија се сеќавам на времињата кога новинарите, уредниците, па и цели медиуми беа подготвени сопствената егзистенција да ја ризикуваат поради слободата на медиумите. Тогаш многумина остануваа без работа, и знаеја дека ќе останат без работа. Нашата состојба денес е таква што, за жал, имаме помалку такви оази на слобода, отколку што имавме во 90-те години“, вели Велјановски.

Вообичаени притисоци врз уредници

Gebäude Radio Television Serbia

Зградата на РТС

Велјановски објаснува дека за разлика од Германија, каде јавноста остро го критикуваше обидот на претседателот Вулф да изврши притисок врз медиумите, во Србија е нормално политичарите да ги повикуваат уредниците и да вршат притисок врз нив.

„Ние такви примери на притисоци врз медиумите имаме многу и многу често и не дознаваме за нив, бидејќи тоа се смета за вообичаено. Токму тоа е разликата меѓу нашето и тие развиени општества“, смета Велјановски.

Во различни извештаи за медиумските слободи во Србија може да се прочита дека таму буџетските средства неретко се трошат за лична и партиска промоција низ медиумите, но и тоа дека државата фаворизира одредени медиуми, додека други се буквално екомомски уценети.

Притоа, медиумите само пласираат информации, без никаква анализа и критика, што може да значи дека над големо мнозинство гласила е воспоставен целосна контрола.

Автор: Динко Грухоњиќ/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска