1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Српските Албанци бараат помош од Тирана, Приштина и Брисел

Опасна конфронтација: Албанците во јужна Србија сакаат да му се спротивстават на Белград со помош на своите сонародници од Албанија и Косово. За нивната иднина треба да се решава на преговорите меѓу Србија и Косово.

default

Демонстрации на етничките Албанци во Прешево, архива

Албанското малцинство во јужна Србија му се спротиставува на Белград и истовремено бара помош од Албанија, соседното Косово и Брисел, пишува агенцијата ДПА. Зашто, Албанците во јужна Србија сакаат безусловно да го задржат спорниот споменик за нивните „национални херои“ и да ги задржат Србите со сите средства од најавеното уривање на обележјето. Ова го решија советниците на општините Прешево, Бујановац и Медвеѓа на вчерашната заедничка седница. Истовремено е упатен повик за поддршка до Тирана и до Приштина.

Албанците од јужна Србија сакаат да бидат тема на преговорите закажани за в четврток меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ во Брисел, гласи заклучокот на советниците. Уште пред неколку години околу стотте илјади Албанци во јужна Србија се изјаснија за отцепување од Србија и приклучување кон соседното Косово, кое е населено речиси исклучиво од Албанци.

Актуелен повод за новите конфронтации меѓу Албанците и Србите е во ноември подигнатиот споменик за 27 албански бунтовници, убиени од Србите во нередите слични на граѓанска војна во 2001. година. Тогаш албанските востаници беа амнестирани, за да се смират судирите. Српската влада најави дека насилно ќе го урне споменикот од црвен мермер по 17 јануари, ако Албанците дотогаш не го направат тоа самите.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ планираното отстранување на споменикот го образложи со тоа што тоа е обележје кое ги велича „терористите“ кои се бореа против српската држава. Тоа на пример би било незамисливо во САД, да се изгради споменик на исламските фундаменталисти, гласи аргументацијата на Дачиќ. Содветно на тоа, такво нешто не дозволува ни Србија. Јужносрпските Албанци се заканија со насилен бунт и како реванш најавија напади врз српските споменици на Косово.