1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Српскиот фудбалски сојуз ја демантира веста за Косово и ФИФА

Фудбалскиот сојуз на Србија ја демантираше веста на весникот „Политика“ дека нема да се противи на тоа репрезентацијата на Косово да игра пријателски натпревари, под услов таа селекција да игра без државни обележја.

Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) денеска (29.11) во соопштение наведува дека ниту еден член на ФСС нема да присуствува на седницата на Извршниот комитет на ФИФА и дека нема да даде „каква било согласност“ по прашањето на легалноста на работата и активностите на Косовскиот фудбалски сојуз.

Весникот „Политика“ напиша дека претседателот на ФСС Томислав Караџиќ наредната недела на конгресот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) во Бразил ќе го пренeсе ставот на ФСС дека нема ништо против тоа Косово да игра пријателски натпревари, но без државни симболи.

ФСС во своето соопштение денеска потсетува на ставот на првиот човек на Европската фудбалска унија (УЕФА) Мишел Платини дека приемот на нови членки не е можен брз меѓународно признавање на државата во рамки на ОН.

„Веруваме дека челниците на ФИФА ќе имаат разбирање и ќе го симнат ’случајот Косово’ како евентуална тема од наредната седница на Извршниот комитет и дека за тој проблем ќе се разговара откако ќе се стекнат услови за тоа“, се наведува во соопштението на ФСС.