1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Српскиот парламент ја изгласа новата влада

Премиерот Ивица Дачиќ изврши реконструкција на кабинетот во кој влегоа 11 нови министри. Европските интеграции и модернизација на државата- главни приоритети

Парламентот на Србија синоќа го одобри новиот состав на владата. Поддршка му изразија 134 пратеници, 65 беа „против“ и 51 „воздржани“. Избрани се 11 нови министри.

„Повеќето членови не се членови на политички партии и пред тоа не се занимавале со политика, изјави премиерот Ивица Дачиќ (на фотографијата). Тој најави прва седница на владата за денеска.

Нови министри се: за сообраќај Александар Антиќ, за образование, наука и технолошки развој Томислав Јовановиќ, за култура Иван Тасовац, за млади и спорт Вања Удовичиќ, за земјоделство Драган Гламочиќ, за регионален развој и локална самоуправа Игор Мировиќ и за одбрана Бебојша Родиќ. Министри без портфел се Бранко Ружиќ, кој ќе биде задолжен за евроинтеграциите и Александар Вулин задолжен за Косово и Метохија.

Премиер и министер за внатрешни работи е Ивица Дачиќ, вицепремиер е Александар Вучиќ, а министер за надворешни работи е Иван Мркиќ. Со одобрувањето од Парламентот се стави крај на неколкумесечните расправии меѓу партиите во владејачката коалиција. Владата на Србија сега има 18 министерства и 22 члена. Основна цел на реконструираната влада според премиерот Дачиќ е да се забрза и промени Србија и покрај приоритетите како што се евроинтеграциите и економска обнова, да се направи државата помодерна, поефикасна, побезбедна и побогата.