1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Српскиот парламент го одoбри договорот со Косово

Со големо мнозинство Парламентот во Белград даде зелено светло за договорот со Косово постигнат со посредство на ЕУ. Противниците одржаа протести против усвојувањето на договорот, нарекувајќи ги пратениците „предавници“.

Parliament of Serbia. Outside view. Belgrade. Republic of Serbia.

Serbisches Parlament Hauptsitz Belgrad Serbien

Српскиот парламент синоќа (26.04) со големо мнозинство го одобри договорот за нормализирање на односите со Косово. Сите големи партии го поддржаа договорот. „За“ договорот гласаа 173 пратеници, а 24 се изјаснија „против“.

Нормализирањето на односите со Косово беше услов од Европската унија за Србија на нејзиниот интеграциски пат.

Пред гласањето премиерот Ивица Дачиќ го повика Парламентот да го поддржи договорот за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово, постигнат во Брисел со посредство на ЕУ, предупредувајќи дека неговото отфрлување ќе ја претвори земјата во „европска Северна Кореја“. Дачиќ беше исвиркан од пратеници од Демократската партија на Србија, кои се против договорот, но доби и бурни овации.

Пред почетокот на дебатите, неколку стотини приврзаници на крајно десничарските движења „Наши“, „Двери“ и „Образ“ протестираа пред зградата на Парламентот. Тие скандираа „Косово е Србија“ и ги нарекоа пратениците од главните политички партии „предавници“. На протестот се придружи и Српската радикална партија.

Косовскиот парламент го одобри договорот во понеделникот.

Белград и Приштина минатиот петок (19.04) постигнаа договор по повеќе од две години преговори со посредство на ЕУ. Во понеделникот Европската комисија препорача ЕУ да почне преговори за членство на Србија во Унијата и за потпишување на Спогодба за стабилизација и асоцијација во Косово. Шефовите на држави или влади на ЕУ на крајот на јуни треба да одлучат по препораките на ЕК за Србија и за Косово. Дотогаш министрите за надворешни работи треба да подготват извештај за нормализирањето на односите.

„Сега е важно, договореното да најде практична примена, за да можат да уследат следните чекори за европско приближување“ подвлече пред неколку денови германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле.