1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Српската опозиција доби нов лидер?

Драган Ѓилас, градоначалник на Белград е новиот претседател на Демократската партија. Станува ли Ѓилас сега и нов лидер на српската опозиција?

Драган Ѓилас со големо мнозинство е избран за нов претседател на Демократската партија на вонреден изборен собир на партијата. Тој најави дека Демократската партија наредните два месеци ќе подготви национален план за излез од кризата, кој ќе биде сржта за идните потези на партијата. Тој исто така ги повика пратениците на партијата, кои беа министри во претходната влада, да го вратат пратеничкиот мандат.

Славиша Орловиќ, професор по политички науки смета дека не само што Демократската партија доби нов претседател, туку дека српската опозиција доби нов лидер. Без сомнение Демократската партија по изборите повеќе се занимаваше сама со себе, вели Орловиќ, но сега се очекува да започне сериозна опозициска борба: „Очекувам интересна атмосфера на релација власт-опозиција. Имено, власта или владата без опозиција се како автомобил без сопирачки, што значи дека со една силна опозиција ќе бидат помалку можни сите оние ситуации во кои се стекнува впечаток дека владата помалку претерува“.

Уредникот на надворешна политика во магазинот НИН, Владан Марјановиќ оценува дека ова е почеток на едно долго заздравување на демократите. Сигурно дека Демократската партија сега ќе биде принудена да се постави како сериозна опозиција, но тоа нема да влијае врз политичката динамика на српската политичка сцена: „Владејачката коалиција делува стабилно и ќе биде потребно некое време пред Демократската партија и останатиот дел од опозицијата воопшто да има можност да се бори за власт. Ќе мора да се случи нешто значајно, нешто што во моментов не можеме да го предвидиме, за работите да почнат да се менуваат во тој поглед и да почне да расте влијанието на демократската партија. Засега такво нешто не е на повидок“.

Расплет во Белград?

Serbien Land und Leute Straße in Belgrad

Белград

Колку Демократската партија ќе биде јака опозиција ќе зависи и од тоа дали Драган Ѓилас ќе остане на местото градоначалник на Белград. Има повеќе анализи кои велат дека власта чекала расплет во Демократската партија, за да тргне во поход за промена на власта во главниот град. Владан Маријановиќ вели дека власта за ова нема добри решенија: „Ако реши да го урива тоа ќе му скрати значајни ресурси, но од друга страна ќе има спротивни ефекти непожелни за власта, а тоа е што од него ќе направи некаков вид жртва. Имено, без оглед на тоа што неговата партија беше убедлива на изборите во Белград, ако остане без неа тоа ќе изгледа како некој вид политичко грабнување. Власта сега има избор сепак да преземе некакви значајни ресурси или да биде ветар в грб на една заслабната партија и на еден неиспробан лидер со тоа што ќе ги претвори во жртви“.

Повеќе социјалдемократија?

Со оглед на тоа што Ѓилас се смета за технократ, за некои и тајкун во српски рамки, се поставува и дилемата дали со таков профил Демократската паритија може да се насочи во социјалдемократски правец. Славиша Орловиќ смета дека Демократската партија секако ќе тргне повеќе во тој правец, за што сведочи и говорот на Ѓилас на изборното собрание на партијата: „И сите оние идеи кои ги имплементираше како градоначалник, од бесплатни учебници, помош за пензионерите, бремените жени итн. се всушност практично применети елеметни на социјалдемократската програма. Така што тој менаџерско-технократски момент, поради што и ја доби довербата на граѓаните на Белград е нешто што му овозоможува да ги реализира социјалдемократските идеи“.

Владан Маријановиќ не смета дека кој и да е на чело на партијата би ја усмерил повеќе во социјалдемократски води. „Со тоа ставање на Демократската партија и социјалдемократијата во една реченица едноставно делува како оптичка измама. Јас навистина не гледам како оваа партија би можела да се трансформира, без оглед на сите прокламации кои ги слушнавме и ќе ги слушнеме. Јас всушност не верувам дека која и да е сериозна српска политичка партија, ако такви воопшто постојат, има сериозен социјалдемократски капацитет. Видовме дека во текот на годините имавме безброј и дека сите или пропаднаа или останаа на маргините“.

Маријановиќ смета дека Ѓилас ќе биде далеку построг од Борис Тадиќ. Тоа од една страна не е лошо, но Ѓилас секако има и една впечатлива авторитарна црта, што секако не е добро како за неговата позиција во партијата така и за редефинирање на самата Демократска партија, оценува Маријановиќ.