1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Среќна нова...?!

Кој во македонската политика мора да верува во Дедо Мраз, а кој самиот е Дедо Мраз? Да не беше Нова година кој ќе знаеше дека Македонија има претседател? Предновогодишна колумна на Зоран Јордановски.

Вечна надеж - нова година, нова среќа. Животното искуство, додуша, поучува: како кому. Но, барем право на желби има секој и никому не му е ускратена слободата да верува дека можеби токму она што тој си го посакува – и  можеби токму оваа година, ќе се оствари. Надежта, нели, умира последна, а оптимистите живеат подолго.

Се запрашав, онака, во предновогодишно расположение, што можат да си посакаат политичарите во денешна Македонија?

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски имаше една голема желба – 63 пратеници во новиот состав на Собранието. Но, види малер - Нова година не се падна на 11. декември, па Дедо Мраз не можеше да му ја исполни. А и за онаа главната желба - да не мора да положи сметка за сите криминали и злодела што му се припишуваат - би морал навистина да верува во Дедо Мраз, за да се надева дека ќе му се исполни.

Трајко Вељаноски имаше повеќе среќа. Не мораше ни да ја дочека Нова година, а веќе му се исполни желбата уште малку да поседи во фотелјата наменета на претседателот на Собранието на Македонија. Оти, којзнае дали воопшто некогаш ќе има шанса пак да седне во таква или било каква друга важна фотелја.

А со желбата на најстариот пратеник во новиот парламентарен состав Бранко Манојловски од ДУИ, да претседава со конститутивната седница на парламентот, испадна како во недобитните лозови – повеќе среќа идниот пат. За него сепак не е безнадежно: дотогаш ионака ќе биде уште постар, а изгледа и воопшто не ќе мора ни да чека 4 години до наредни избори. Но, како што се виде и сега: кој седнал во удобна функционерска фотелја, многу нерадо го препушта местото, макар и за само еден ден, за само за една седница.

Неговиот партиски шеф Али Ахмети си посакува трето столче, за да не мора како досега да седи на две. Во последно време му беше особено неудобно откако столчињата почнаа се` повеќе да се оддалечуваат едно од друго. Арно ама, од судбината не се бега. Кој ќе те симне од црна листа, доживотен должник си му. Кај кого одиш да бараш свое мислење и кој ќе ти ги донесе на маса оние со кои дома ни не разговараш, а не пак да се договараш, и уште ќе ти подготви заеднички документ за сите, и нему си му должник. Со кого ќе коалицираш, ќе седнеш на заедничко столче. Така од две испаднаа три.

„Аџиите" кои од Тирана се вратија со свежо добиено свое мислење имаат новогодишна желба во покерот за формирање влада да изборат значителни политички отстапки од идниот коалиционен партнер. Каков беше изборниот резултат на блокот партии на македонските Албанци? Добро, во покерот има и блеф. А и што можат да загубат? Ништо... освен можеби довербата дека навистина се залагаат за унитарна и не се за бинационална Македонија.

Зоран Заев не испраќа до Дедо Мраз пусулче со список на желби; тој самиот е Дедо Мраз. Дели ветувања, се подготвува да дели и функции. Лани желба му беше, како што велеше, само да ја урне корумпираната криминална власт – годинава тоа речиси му се исполни. Сега желба има да биде премиер. И таа речиси ќе му се исполни. Само, тие што можат да му ја исполнат, му испорачуваат и висока сметка. Се покажа дека тој беше во право кога велеше дека не е лошо ако и во Струмица научат да зборуваат на албански: како, на пример, сега да разбере што има напишано на сметката подготвена во Тирана? Ако од пусти мерак ги прифати барањата, на наредните избори тој ќе плати сметка кај своите избирачи.

Ах, ќе го изумев Ѓорге Иванов. Нему желбите му се исполнија со добивањето втор мандат. Од тогаш тој му исполнува желби на неговиот Дедо Мраз – не оној од снежна колиба во Лапонија, туку оној во снежно-белата палата во центарот на Скопје. Не оти пак пред тоа беше поинаку. Нејсе.

Туку, среќа што дојде Нова година. По тој повод претседателот кажа нешто за јавноста. Така разбравме дека Македонија навистина уште има шеф на државата. Па и нема што да му се забележи: имаше повод - и тој си кажа. Што да прави кога толку време во државата не се случи нешто, што би заслужило да се огласи нејзиниот номинално прв човек.

 

DW.COM

Поврзана содржина