1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Среќен роденден“, господине диктатор!

Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун планира нови парламентарни избори за 9. март. Во чест на неговиот роденден познатиот американски екс-кошаркар Родман во Пјонгјанг организираше пријателски кошаркарски натпревар.

Државните медиуми во Северна Кореја го најавија новиот термин на парламентарните избори во земјата, без да соопштуваат детали. Тоа се првите избори за највисокото национално собрание на комунистичката земја кои ќе се одржат под водството на младиот властодржец Ким Јонг Ун. Тој на крајот на 2011. година, по смртта на својот татко Ким Јонг Ил стана прв човек на државата и ја продолжи нејзината меѓународна изолација.

Членовите на Народното собрание се практично без никаква моќ, а Севернокорејците немаат ни вистински избор: во мај 2009. година кога се одржаа послендите избори, за сите 687 општини во земјата имаше само по еден кандидат. Според официјалните резултати, сите кандидати биле избрани со 100 проценти од гласовите.

Се смета дека гласањето претставува натамошен чекор за зацврстување на власта на Ким Јонг Ун. Неодамна тој нареди егзекуција на неговиот тетин Јанг Сонг Таек, своевремено втор човек по моќ во земјата, кој беше обвинет за ковање заговор.

Тетинот на Ким, како и многумина членови на највисокото раководство, беше член и на Народното собрание. Новите избори ќе покажат кој уште е во немилост и избришан од кандидатските листи.

Се претпоставува дека денеска е и 31-от роденден на Ким , иако никаде не се соопштува јавно датумот и годината на неговото раѓање. По тој повод поранешната ѕвезда на американската кошарка Денис Родман организираше „роденденски подарок“ за Ким, кого го нарекува „доживотен пријател“. Тој со група американски поранешни професионални кошаркари одигра пријателски натпревар во Пјонгјанг со домашната репрезентација. „Среќен дроденден“, отпеал Родман, поклонувајќи се во правец на Ким Јонг Ун. Поранешната ѕвезда на НБА лигата остро ги отфрли критиките поради тоа што при неговите посети на Северна Кореја не се заангажирал за ослободување на болниот американски државјанин Кенет Бае, кој се наоѓа во севернокорејски затвор. Пред да замине за Северна Кореја, Родман изјави дека не оди во Пјонгјанг за да решава политички прашања, затоа што тоа не е неговата работа. Тој првпат остро приговори поради притисокот што му се врши од разни хуманитарни организации во САД, околу случајот со затворениот Бае, како и за неговите чести патувања во земјата на „еден суров диктатор“. Севернокорејскиот лидер важи за голем љубител на кошарката, а Родман претходно изјави дека Ким Јонг Ун е негов „доживотен пријател“.