1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Среќата уште еднаш на страната на Германците

Германската фудбалска репрезентација доби лесни противници во квалификациите за наредното светско првенство. Стручното раководство и играчите уверени дека можат да се изборат за учество на СП 2010.

default

Менаџерот на германската фудбалска репрезентација Оливер Бирхоф е задоволен од жрепката

Русија, Финска, Велс, Азербејџан и Лихтенштајн - тоа се противниците што ги доби Германија при извлекувањето на групите во квалификациите за светското првенство 2010-та во Јужна Африка. Општата оцена во Германија за силата на противниците од групата е содржана во зборовите на менаџерот на репрезентацијата Оливер Бирхоф: „Мислам дека можеме да бидеме задоволни. Се разбира, имаме повеќе силни противници. Русите се квалификуваа за ЕП, рускиот фудбал генерално е во подем, оти олигарсите таму инвестираат многу пари. Финците за малку не успеаја во квалификациите... Но, ако се погледаат другите групи, на пример Португалија заедно со Шведска и Данска, или Англија со Хрватска - тога мислам дека можеме да бидеме задоволни“.

Репрезентативецот Томас Хицлспергер изјави: „Ова е секако, група во која може да се обезбеди учество. Мислам и дека ние сме тука фаворити, слично како и во досегашните квалификации за ЕП.Русија е секако тежок противник, но се’ друго би требало да биде полесна задача. Сепак, мораме да останеме концентрирани, за да поминеме низ квалификациите толку суверено, како сега за ЕП“.

Во Бундеслигата без промени на врвот

На вчерашното извлекување на групите во Конгресниот центар на јужноафриканскиот град Дурбан му претходеше 14-тото коло во фудбалската Бундеслига. Баерн ја надмина резултатската криза, но и неговите конкуренти се упорни, па на врвот се’ остана како и пред тоа. По 4 првенствени средби без победа, конечно Баерн прослави целосен успех, иако резултатски не многу убедлив. Победата од 2 спрема 1 против Волфсбург, тренерот Отмар Хицфелд вака ја прокоментира: „Секако дека сум многу задоволен. Цел ни беше да освоиме три бодови. Долго време прикажувавме и добра игра. Се разбира, прво мораше да биде пробиен бедемот на противникот, па ние од почетокот се обидувавме да вршиме притисок, во рана фаза да ги попречуваме акциите на противникот, да го направиме несигурен, топката повеќе да биде во наш посед. Сето тоа успеавме да го направиме“.

Средбата беше посебно занимлива, оти тоа беше прво гостување на претходниот тренер на Баерн Феликс Магат, откако тој замина од Минхен. „Сосем сум задоволен од моето денешно враќање овде. За мене беше доживување повторно да стојам крај аут-линијата на стадионов и уживав во првиот половина час, оти имав чувство дека ја контролираме играта. Но, потоа направивме голема грешка што му овозможи водство на Баерн“, рече Магат.

Вердер и Хамбургер држат чекор со Баерн

Прв конкурент на Баерн останува Вердер, по победата од 2 спрема 0 на гости во Котбус кај последнопласираниот тим Енерги. „Погледајте го билансот од последните години - лани двете средби завршија нерешено. За нас Енерги е многу непријатен противник и моравме да имаме многу трпение, да играме многу дисциплинирано и по можност да искористиме некоја шанса“ - зборуваше по средбата спортскиот директор на Вердер Клаус Алофс.

Вердер, кој 9 кола не знае за пораз, е на бод зад Баерн, и со исто салдо како и третопласираниот Хамбургер, кој исто така со 2 спрема 0 забележа победа над Ханза Росток. Тренерот Хуб Стевенс, кој дефинитивно реши на крајот од сезоната да не го продолжи договорот, туку да се врати во Холандија, не беше без остаток задоволен: „Радо сакав да видам и трет гол, кој не успеавме да го постигнеме, но сепак освоивме три важни бодови“.

На 4 бодови зад Вердер и Хамбургер, на 4-та позиција, е Карлсруе, кој ја совлада Херта Берлин со 2 спрема 1. Новиот лигаш може мирно да продолжи понатаму, оти статистиката на Бундеслигата вели дека екипа која по 14-тото коло освоила 26 бодови, не испаднала од лигата.

Баер Леверкузен не го поколеба ни водството на Дуизбург - на крајот му ја наполни мрежата испраќајќи го поразен со 4 спрема 1. Баер одстана на петтото место на табелата.

Успеси на „големците“ од минатото првенство

Вицешампионот Шалке по серија од пет средби, конечно забележа победа - го совлада Хановер, и тоа како гостин, со 3 спрема 2. Шалке е на шестото место со ист број бодови како и официјалниот првак Штутгарт, кој полека но сигурно се качува кон горниот дел на табелата. Штутгарт во Франкфурт го совлада Ајнтрахт повеќе од убедливо - со 4 спрема 1. Репрезентативецот Роберто Хилберт прв ја проби противничката одбрана: „Во првите 10 минути имавме малку проблеми, примивме глупав гол, но пред полувремето успеавме за среќа да изедначиме. Мислам дека во голем дел ја контролиравме играта и не му дадовме веќе шанса на Франкфурт“.

Победа од исклучителна важност постигна Нирнберг, и тоа со 2 спрема 0 против Борусија Дортмунд. Нирнберг останува меѓу трите последнопласирани екипи, но барем ја намали разликата во однос на оние пред себе. „Во првото полувреме се’ направивме вистинско добро, на противникот му дозволивме само една полушанса. Тоа беше најдобар натпревар дома за подолг временски период“ - рече Ханс Мајер, тренер на Нирнберг.

Бохум убедливо ја надигра и совлада Арминија Билефелд - резултатот од 3 спрема 0 зборува сам за себе. Бохум се искачи на 10-тото место, има солидно бодовно салдо, додека Арминија - како и Борусија, останува во кругот на загрозени тимови.

Зоран Јордановски