1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Средниот слој во ЈИЕ е сиромашен и несигурен

Јазот меѓу сиромашните и богатите во Југоисточна Европа е многу голем. Постојат обиди за етаблирање на среден слој, но тој често стои на „стаклени нозе“ и е загрозен од пад во сиромаштија.

Пресиромашен за да се биде богат и пребогат за да се биде сиромашен - тоа се однесува на средниот слој во Романија. Во првата деценија по политичкиот пресврт во 1989 година, овој слој, во западните земји инаку носечки столб на општеството, речиси воопшто го немаше. Повеќе студии докажуваат дека во 2008 година само 20 проценти од романското население припаѓало кон овој слој. Економската и финансиската криза меѓутоа ги спушти платите и придонесе во одреден период средниот слој да биде намален дури за половина. За споредба: речиси две третина од луѓето во Германија добиваат меѓу 70 и 150 проценти од просечната плата и со тоа припаѓаат кон средниот слој.

Слично како во Рамнија изгледа и во другите земји од ЈИЕ. Мерено според платите, во Србија и Хрватска околу 10 проценти од населението е дел од средниот слој, додека во Бугарија дури се зборува за „невидлив среден слој“, зашто актуелните истражувања покажуваат дека кон овој слој припаѓаат само меѓу 4 и 8 проценти од граѓаните кои работат. При население од 7,5 милиони, тоа се само околу 100.000 до 200.000 луѓе, главно добро платени соработници на странски претпријатија, банки и осигурувања, кои всушност се загрозени од социјално пропаѓање веднаш штом нивниот работодавач ќе се повлече од Бугарија.

Средниот слој како мотор на демократизацијата

Волфганг Хепкен од Друштвото за Југоисточна Европа вели дека една од основните поставки на историско-социолошката теорија е сознанието дека и покрај тоа што има одредени исклучоци, стабилниот среден слој е во основа заинтересиран за воспоставување и задржување на стабилни демократски и економски интереси.

Politische Kultur, Wolfang Höpken

Волфганг Хепкен

Но средниот слој во ЈИЕ уште пред Втората светска војна и пред етаблирањето на социјалистички режим беше недоволно развиен. Комунистичката идеологија на класна борба придонесе многу за средниот слој речиси сосема да исчезне. „Во комунистичкото време средниот слој главно беше претставен преку таканаречената интелигенција, преку академските професии или припадниците на бирократијата“, нагласува Хепкен, додавајќи: „Но тоа е нешто сосема поинакво од она што ние во Централна Европа подразбираме под среден слој.“

Габриела Шуберт, истражувач во сферата на културата, нагласува дека средниот слој треба да има и граѓански ангажман во општеството, како, на пример, во форма на граѓански иницијативи. Во тој дел земјите од Балканот заостануваат: „Во цела ЈИЕ има недостиг од цивилно општество“, подвлекува Шуберт.

Грешки од минатото

Пресвртот на почетокот на 1990-тите го промени економскиот и социјалниот поредок во поранешните социјалистички земји, но не придонесе за зајакнување на средниот слој. Поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов за весникот „24 часа“ неодамна изјави дека парите завршиле во кругови на моќта кои го задржале своето влијание и по пресвртот. Поранешните функционери, како и соработници на тајните служби, го искористија поволниот момент во тоа време и се обогатија, односно преку ноќ станаа „капиталисти“. Така настанаа структурите на олигарсите во економијата и политиката, кои до денес спречуваат слободна конкуренција во многу сфери на општеството, вели Стојанов.

Новопечените богаташи го диктираат тонот

Овој, чисто економски погледнато, „среден слој“, меѓутоа, до своето богатство не дошол преку образование или претприемачки резултати, туку „своите пари ги создал во сивите зони на легалноста“ и оттука „не може да се третира како демократски настроен среден слој“, нагласува Волфганг Хепкен. Тој слој воопшто не е заинтересиран за правна држава која функционира добро, туку повеќе има интерес за „клиентелски систем и политички структури кои ќе му овозможат да работи и натаму како што е навикнат“.

Габриела Шуберт за земјите од Балканот уште додава: „Од една страна, жителите на градовите тендираат кон најнова техника, најнова мода и остварувања кои доаѓаат од Западот, а од друга страна, претпочитаат се‘ уште традиционални патријархални симболи и вредности.“

Иселувањето како опасност и шанса

Закана за средниот слој во ЈИЕ е и постојаниот Брејн-Дрејн. Се иселуваат пред се‘ млади, добро образовани, динамични и креативни луѓе и тоа „претставува не само голема загуба во поглед на економскиот хуман-капитал, туку неповолно влијае и врз социјалната стабилизација на овие општества“, вели Хепкен.

Prof. Gabriella Schubert

Габриела Шуберт

Меѓутоа, долгорочно погледнато, овие процеси не се само негативни, туку можат да имаат и позитивно дејство врз општествата, како во случаи кога луѓето се враќаат од странство и ги пренесуваат нормите кои ги научиле во земјата кадешто престојувале или кога градат економски врски со татковината.

За балканските земји ќе биде многу тешко сосема сами да ја премостат преодната фаза кон модерно цивилно општество, во кое широк и стабилен среден слој игра носечка улога. Оттука, европската перспектива за овие земји е важна, нагласува Шуберт: „Да се стане член на ЕУ за овие земји во моментов е единствената можност да имаат еднакви услови и еднаков развој и да ги подобрат шансите за младите.“