1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Средба на Папата со амбасадори од муслимански земји

Од дијалогот меѓу христијаните и муслиманите во голема мера зависи нашата иднина – порача Папата Бенедикт 16-ти денеска во неговата летна резиденција Кастел Гандолфо.

Папата Бенедикт 16-ти за време на поранешна аудиенција

Папата Бенедикт 16-ти за време на поранешна аудиенција

На средбата со 40-мина претставници на исламот, меѓу кои и амбасадори на мислимански држави акредитирани во Ватикан, Папата нагласи дека средбата меѓу религиите и културите претставува „неопходност во настојувањето заеднички да се изгради свет на мирот и братството„.

Поглаварот на Католичката црква на средбата што траеше само половина час истакна дека религиозните заедници мораат заеднички да му се спротистават на секаков вид нетолеранција и насилство. Одговорноста лежи кај религиозните и политичките авторитети, нивна задача е верниците од разни вероисповеди да ги поучат и да ги охрабрат на мирољубиво дејствување. А христијаните и муслиманите, во склад со нивните традиции, мораат заеднички да се ангажираат против нетолеранција и насилство – порача Бенедикт 16-ти. Тој уште нагласи дека ваквата заложба не е од „сезонски карактер„ туку дека уште од доаѓањето на чело на Католичката црква имал голема желба да придонесе за натамошното зацврстување на мостовите на пријателство со верниците од сите религии.

„Околностите што и‘ претходеа на нашата средба се добро познати. Во тој посебен контекст сакам повторно да ја нагласам целата, длабока почит што ја имам за верниците муслимани, повикувајќи се на Вториот ватикански концил, што за Католичката црква е магна карта за дијалогот меѓу исламот и христијанството.„

Со овој состанок Светата столица ја продолжува дипломатската офанзива за смирување на протестите во муслиманските земји што беа предизвикани од еден негов цитат за време на предавањето на универзитетот во Регенсбург, Германија. На средбата присуствуваа амбасадори на 21 исламска земја, како и претставници на исламските верски заедници во Италија. Таа беше директно пренесувана од ватиканската телевизија, а ја презедоа и неколку и ТВ станици од повеќе арапски земји, меѓу нив и Ел Џазира.