1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Средба на Блиско источниот квартет во Берлин

Состојбата на Блискиот исток и спорот околу атомската програма на Иран се наоѓаат во фокусот на вниманието на разговорите што германската канцеларка Ангела Меркел и шефот на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер денеска ќе ги водат во Берлин.

Бан Ки Мун кај Ангела Меркел на гости во Берлин

Бан Ки Мун кај Ангела Меркел на гости во Берлин

Меркел како соговорник го има генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, додека Штајнмајер му е домаќин на рускиот колега по функција Сергеј Лавров. Бан Ки Мун и Лавров се во Берлин од вчера поради состанокот на Блиско источниот квартет, на кој учествуваше и американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс.

Иако на подиумот се најдоа врвни политичари, прес-конференцијата беше многу куса. Тоа не треба да чуди, бидејќи претставниците на Блиско источниот квартет немаат ништо ново да кажат. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун го прочита соопштението, кое содржеше очекувања и апели, а не конкретни резултати и спогодби. За домаќинот, германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер меѓутоа знак на напредок е веќе самата подготвеност на дијалог на страните во конфликтот.

„Знаеме дека процесот на приближување е тежок и токму затоа сакаме да му пружиме поддршка, за да најдеме можност за напредок што во минатото не беше можен.„

Координаторот на европската надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана смета дека натамошниот напредок во мировниот процес во голема мера зависи од конструктивноста на новата палестинска влада:

„Се надевам дека оваа влада ќе биде дел од решеноето, а не дел од проблемот!„

Проблемот е всушност кај радикално исламската организација на Палестинците, Хамаз, која не сака до сега да му го признае на Израел правото на постоење. Токму тоа, како и признавање на сите склучени мировни договори, го бара блиско источниот квартет.

„Не може да има преговори за мир, доколку една од страните не го признава правото на постоење на другата„ – појасни шефицата на американскиот Стејт департмент, Кондолиза Рајс.

За сега барањата на Квартетот ги исполнува само движењето Фатах на претседателот на Палестинците Махмуд Абас. Но, тој претставува само дел од Палестинците и тоа помал, бидејќи радикалниот Хамаз освои поголем дел од гласовите на парламентарните избори. Абас инаку денеска доаѓа во Берлин, во рамките на неговата турнеја по Европа.