1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Средба Груевски-Папандреу во Брисел

Претседателот на македонската Влада Никола Груевски оствари средба со неговиот грчки колега Јоргос Папандреу. По средбата во Брисел премиерите не дадоа изјави за медиумите.

default

Македонскиот и грчкиот премиер

Заврши тет-а-тет средбата на премиерите на Македонија и на Грција, Никола Груевски и Јоргос Папандреу, што се одржа попладнево, во зградата на Советот на ЕУ во Брисел.

Двајцата премиери, како што беше најавено, на средбата што траеше околу 40 минути разговарале за прашањето за името и за можностите за подобрување на билатералните односи. Груевски и Папандреу по средбата не дадоа изјави за медиумите.

Одговарајќи на новинарско прашање по завршувањето на самитот на Европските народни партии, премиерот Груевски рече дека од средбата со Папандреу ќе оцени дали е зголемен притисок врз Атина за решавање на спорот за името. „Во овој момент не можам да проценам дали е зголемен притисокот врз Грција. Постои интерес за решавање на прашањето. Таков интерес постоеше и во ноември и во декември. Сега повторно се чувствува голем интерес за решавање на прашањето, но попладнево по средбата со мојот колега ќе знам малку повеќе околу расположението во Грција, односно политичката волја да се дојде до решение, а не само да се создава перцепција дека се сака решение“, рече Груевски.

Ова е трета директна средба на двајцата премиери. Претходните две, на 29 октомври во Брисел и на 27 ноември во грчкиот дел на Преспа, не донесоа прогрес во процесот за решавање на спорот за името што се води под покровителство на ОН.

Автор: АТ/миа

DW.COM