Средбата меѓу Џорџ Буш и Владимир Путин не донесе пробив во главните спорни теми | Теми на денот | DW | 03.07.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Средбата меѓу Џорџ Буш и Владимир Путин не донесе пробив во главните спорни теми

Но, додека кај прашањето за идниот статус на Косово позициите на претседателите на САД и на Русија остануваат непроменети, во врска со планираниот американски антиракетен штит Путин поднесе нови предлози.

default

Средба во порелаксирана атмосфера: Путин и Буш во Кенебанкпорт

Средбата во Кенебанкпорт, во американската сојузна држава Мејн, не ги донесе големите решенија на кои се надеваше светот. Според Путин, било разговарано за речиси сите теми од меѓународната агенда, било барано - и најдено заедничкото во ставовите. Но, ако повнимателно се погледа, нема многу суштински нешта.

Гостинот од Русија во спорот околу антиракетната одбрана поднесе повеќе предлози, меѓу другото, во системот да биде вклучен и радар за рано предупредување што би бил изграден на југот на Русија, додека порано предложениот, во Азербејџан, би бил модернизиран.

“Треба да биде проширен бројот на вклучените во консултациите и тоа со сите европски земји кои се заинтересирани за тоа” – рече понатаму Путин. Негова идеја е за оваа тема да се дискутира на Советот НАТО – Русија. “Јас сосем се согласувам со тој концепт” – возврати Буш. Рускиот претседател понатаму предложи и воспотавување центри за размена на информации во Брисел и Москва, со што – според него – стационирањето ракети во Полска и Чешка би било излишно. За Џорџ Буш тоа се интересни и конструктивни предлози за кои ќе се разговара. Консултациите на експерти веќе започнале.

Двајцата претседатели не кажаа ни збор за другите спорни теми Ирак и Косово, но се трудеа да остават впечаток дека веќе не може да стане збор за затегнати односи меѓу нив.

Во врска со атомската програма на Иран, каде САД се стремат кон силна резолуција на Советот за безбедност и за тоа сакаат да добијат подршка од Русија, Буш рече: “Дискутиравме за различни мерки, за да испратиме заедничка порака”. Но, ни еден од обајцата не рече ништо како би изгледала таа порака.

Слободната програма – возење со хидроглисер, рибарење, разговори во тесен круг без преведувачи – секако придонесе за пофалбите на Путин на сметка на домаќинот. Излегувањето во пресрет нему и на неговата мала делегација било далеку над вообичаените мерки, рече рускиот претседател. Тој укажа и дека може да се учи од постарите - средбата, инаку, се одржа во летната резиденција на таткото на Џорџ даблју Буш, и самиот поранешен американски претседател, кој беше присутен кај некои разговори. На прашањето дали му верува на Путин, сегашниот прв човек на Америка одговори со едно недвосмислено ДА.