1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сребреница – историја и вистина запишана на 40 лица

Овие денови во Дуизбург е отворена изложба „Жените од Сребреница“. Се работи за 40 црно-бели фотографии од фотографот Сеад Хусиниќ. Секоја од нив носи лична приказна.

Четириесет жени, четириесет сосема лични приказни, четириесет трагедии поврзани меѓу себе. Спојницата е болката која може да се види со голо око. Во меѓувреме минаа 17 години од масакрот во Сребреница, во кои некои од жените загубија „само“ сопрузи и синови, некои, пак, „само“ браќа и вујковци, но најголем дел загуби се’. Во зависност од бројот на семејствата, но тој број изнесува и до 70 лица.

Fotoausstellung Frauen von Srebrenica Cubus Kunsthalle Duisburg 15.06.-15.07.2012

Под секој портрет стои името и презимето на жената, како и имињата на најблиските убиени членови од семејството

„Тоа беше посебно тешко да се сфати. Пробајте да си замислите одеднаш да останете без сите машки членови во семејството. Една жена буквално загубила 70 лица. Не знам што беше потешко да се слушне – фактот дека некои загубиле деца, синови од 9 или 12 години или, пак, сопрузи и браќа. Но, јас морав тоа ’само’ да го сослушам, а да го преживеат тоа морале тие самите, секоја поединечно, низ годините“, се присетува авторот на фотографиите „Жените од Сребреница“, Сеад Хусиќ.

„Само една се насмевна...“

Се работи за 40 портрети, црно-бели фотографии со големи димензии и снимени со класична, аналогна фотографска техника. Портретите се тесно наредени еден до друг на црвени ѕидови и на тој начин изразите и зрачењето од лицата на жените доаѓаат до полн израз. Без оглед дали се движите или стоите во просторијата, очите на жените ве следат, а нивните лица ја издаваат душевната и психичка одисеја што ја имаат зад себе, но не бараат сожалување, ниту изразуваат бес.

Fotoausstellung Frauen von Srebrenica Cubus Kunsthalle Duisburg 15.06.-15.07.2012

На лицата може да се прочита се’, во зависност од тоа кој колку сака да види

Погледот е отворен, искрен, достоинствен, тврд или мек, но на ниту едно лице насмевката не се ни наѕира. Прашањето е дали воопшто некогаш се појавува?

„Само една жена седна на столчето и намести насмевка. Кога и‘ рековме дека тоа не е потребно, дека не мора да се смее, ако не и’ е дојдено до тоа, се опушти и дозволи да ја фотографираме таква каква што е“, вели Каи Тос, режисер и новинар, кој во Тузла и селото Поточари го следел авторот, снимајќи истовремено филм, кој исто така може да се види на изложбата. И тој сведочи за моментите на средба со жените, кои го потресле и му се вовлекле под кожа.

„Сите приказни се страшни, секоја на свој начин. Димензијата на страдањето всушност и не можеме да си ја замислиме. Јас, на пример, нема никогаш да го заборавам моментот во работничката хала во Поточари, каде во јули 1995-та година жените биле одвоени од мажите, а каде делумно и настанаа овие фотографии, кога во просторијата влезе една постара жена потпирајќи се на својот бастун. Удирањето на стапот од подот одекнуваше низ целата хала. Тогаш сфатив всушност колкав напор ним им претставува доаѓањето на ова место“, вели Тос.

Fotoausstellung Frauen von Srebrenica Cubus Kunsthalle Duisburg 15.06.-15.07.2012

Четириесетте портрети се направени во црно-бела техника

Аналогната техника како врска со минатото

Дотолку повеќе изненадува нивната храброст, не само повторно да се соочат со трагедијата што им се случила, туку и на светот да му се покажат какви навистина се. Некои од нив свесно ги симнаа шамиите од глава за да бидат што поотворени и поавтентични.

„Тоа беше и моја намера и желба – да ги прикажам без непотребни детали. Затоа и ги направив во црно-бела технологија, која уште повеќе го нагласува изразот на лицата, а го потиснува шаренилото на нивните фустани. Имав чувство дека оваа техника им е поблиска на жените. И фотографиите кои им преостанале од нивните синови и сопрузи се снимени во оваа, а не во дигитална техника“, објаснува авторот Хусиќ.

Fotoausstellung Frauen von Srebrenica Cubus Kunsthalle Duisburg 15.06.-15.07.2012

Црвените ѕидови ги засилуваат изразите на лицата

Авторот со жените од Сребреница првпат се сретнал во текст во весник, објавен пред десетина години.

„Сликите кои ги врзуваме со нив секогаш беа едни исти – жени на гробови, кои ги оплакуваат своите мртви. Имав впечаток дека на нив секогаш се гледа од дистанца, како да се работи за некој кој живее на десеттиот крај од светот, иако станува збор за жени од Европа. Всушност, жените од Сребреница се обични Европејки“, вели фотографот Хусиќ.

Следната цел е изложбата да се прикаже во Холандија, земјата од која дојдоа припадниците на Сините шлемови, кои во јули 1995-та година не спречија (или не можеа или не беа во состојба) злосторството што се случи. Во Ден Хаг оваа изложба може да отвори сосема поинаква расправа.