1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србија ќе соработува со Хашкиот трибунал само на техничко ниво

Српската влада ќе продолжи да соработува со Хашкиот трибунал на техничко ниво, соопшти нејзиниот потпретседател Александар Вучиќ во Њујорк, на седницата на Советот за безбедност за резултатите од работата на Трибуналот.

Според потпретседателот на српската влада Александар Вучиќ, со неодамнешните пресуди на Хашкиот трибунал „српскиот народ е означен како единствен извршител на злосторствата сторени во текот на 1990-тите години, за време на војните во Југославија, што претставува искривување на сликата за настаните“.

Војните во поранешна Југославија имаа „цивилна, етничка и верска димензија“ и „немаше невини во злосторството“, затоа што сите страни кои учествуваа во конфликтот извршија и кривични дела и претрпеа човечки загуби, нагласи Вучиќ:

„Врз основа на неодамна донесените пресуди, српската нација е издвоена како единствен сторител на овие дела и како единствен народ одговорен за свирепи злосторства сторени во текот на 90-тите години на територија на поранешна СФРЈ. Тоа очигледно не се поклопува со фактичката состојба“, рече потпретседателот на српската влада.

Според Вучиќ, вербата во меѓународната правда во Србија доживеала „најголем можен удар поради срамните ослободителни пресуди“ за хрватските генерали Готовина и Маркач, а „сол на раната“ додала ослободителната пресуда за Харадинај.

„Мора да нагласиме дека, кога ќе се сумираат резултатите од работата на Трибуналот, не може да се избегне фактот дека Трибуналот за стотиците илјади српски бегалци, илјадници мртви, ранети, унесреќени, осуди неколку чувари во логорот Челебиќи во Босна и двајца косовски Албанци, исто така непосредни извршители од понизок ранг“, подвлече Вучиќ, оценувајќи дека таквиот резултат од работата буди сомневање дека правдата на Трибуналот била селективна.