1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србија сака да избегне „македонско“ сценарио

Препораката за добивање кандидатски статус за Србија е добра вест, но доделувањето на датум за почеток на преговорите не треба да се очекува пред формирањето на новата влада, велат експертите.

Препораката на ЕУ министрите е добра вест за Србија, вели Александра Јоксимовиќ од Центарот за надворешна политика. Но таа предупредува дека следните чекори не треба да се очекуваат додека не се завршат изборите и не се формира новата влада.

„Во зависност од нејзиниот состав и приоритетите, ЕУ ќе излезе пред Србија со нови модалитети за соработка, односно со нови барања во однос на одредувањето на датум за почеток на преговорите. Мислам дека крајот на годинава е најбрзиот термин за кој може да се зборува“, вели Јоксимовиќ.

Според Маја Бобиќ од Европското движење на Србија, сега земјата е во целосно поинаква позиција во однос на ЕУ, но и претстои борба за добивање датум за преговори.

„Тоа е онаа суштинска фаза за Србија во смисла на трансформирање и реформирање на сето она што не чини во нашето опкружување, а тоа е суштината на европските интеграции. Останува да се види каква е политичката динамика во рамки на ЕУ, и како Србија ќе се покаже во имплементацијата на барањата“, вели Бобиќ.

Задоцнет подарок

EU Serbien Tadic Barroso Brüssel Pressekonferenz PK

Борис Тадиќ и Жозе Мануел Барозо

Според Јоксимовиќ, сега е многу важно Србија да ја избегне стапицата да заглави на подолг рок со статусот на кандидат.

„Таков е примерот со Македонија. Јас искрено се надевам дека ќе постои адекватна свест во рамки на идната коалиција или партии кои ќе бидат на власт, дека европските интеграции не се само идеја и цел која е недостижна, туку дека секој чекор мора да има и одредено темпо за целиот процес да има смисла“. Србија мора да биде агресивна во процесот на исполнување на барањата, за да не и остави на ЕУ простор за изговори, заклучува Јоксимовиќ.

Што се однесува до коментарите дека статусот е некој вид предизборен подарок за проевропските сили во земјата, таа вели дека одлуката нема да има големо влијание врз исходот на изборите.

„Поради фактот што во декември дојде до големо разочарување, ова не е главна тема во предизборната кампања. Имено, главна тема се тешката економска состојба и сиромаштијата. Во секој случај, и овојпат да не го добиевме кандидатскиот статус, тоа многу ќе и наштетеше на проевропската идеја во Србија“, објаснува Јоксимовиќ.

Автор: Ивица Петровиќ/Б. Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска