1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Србија побара од ЕК разговори на највисоко ниво со Приштина за Србите на Косово

Премиерот на Србија Ивица Дачиќ изјави дека разговорите со Приштина на највисоко ниво ќе продолжат во втората половина на мај, јавија српските медиуми. Денеска продолжија разговорите во Брисел за примена на договорот.

Дачиќ вели дека треба да се утврди планот за имплементација на бриселската спогодба, а потоа се очекуваат добри вести од Брисел, односно Србија да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Според Дачиќ, на први јуни во Белград треба да дојде Херман ван Ромпуј, а „никој не доаѓа ако нема добри вести“, рече Дачиќ.

„Сакаме Србија да биде добра вест во светот и исто така очекуваме од Брисел да дојде добра вест“, рече Дачиќ на конференцијата „Како во преговори со ЕУ“, по повод Денот на Европа - 9 мај.

Српскиот премиер е сигурен дека Србија ќе добие датум за почеток на преговори, затоа што направила речиси се’ што е потребно и дошла во позиција кога веќе не може назад. Според Дачиќ, новата Влада многу брзо се фатила во костец со сите отворени прашања, а на тој пат главен критериум било прашањето за Косово и Метохија и спроведувањето на постигнатата спогодба.

А, работната група на Белград, на чело со советникот на претседателот Николиќ, Марко Ѓуриќ, денеска во Брисел ги продолжува одвоените разговори со високиот функционер на ЕУ Фердинандо Џентилини за примена на спогодбата за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Претходно, според информации од Европската комисија, одржан е одвоен состанок на Џентилини со косовската делегација, која ја предводи заменикот на премиерот, Хајредин Кучи. Доколку билатералните состаноци бидат успешни би можело да дојде и до троен состанок на тимовите од Белград и Приштина со директорот за Западен Балкан во Европската служба за надворешно делување.

По вчерашните разговори Марко Ѓуриќ изјави дека претставниците на Европската комисија немале „ниту една значајна забелешка“ на планот за примена на договорот, кој го претставила српската делегација. Тој изјави и дека од Европската комисија е побарано да се започнат разговори на највисоко ниво за прашања од животна важност за косовските Срби и Српската православна црква, а кои не се решени со Договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.