1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србија очекува и договор со Приштина и датум од ЕУ

Денеска (11.03) во Брисел продолжува клучната фаза од преговорите меѓу Белград и Приштина, со консултациите на српскиот државен врв со шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон.

Меѓу двете рунди од дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој влезе во клучната фаза со отворањето на прашањето за северот на Косово и статусот на српската заедница, шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон ќе одржи консултации со највисоките претставници на Србија и Косово. Во Брисел денеска се српскиот претседател Томислав Николиќ, премиерот Ивица Дачиќ и вицепремиерот Александар Вучиќ. На 14 март Ештон во Приштина ќе оствари средба и со косовскиот државен врв.

Последните две рунди од разговорите меѓу Белград и Приштина не донесоа некој поголем напредок. Двете страни остануваат далеку едни од други по прашањата за извршната и законодавната власт, односно за степенот на автономија на Србите на Косово. За Приштина, таквата автономија е неприфатлива.

„Се’ мора да биде во рамки на косовскиот устав и законите“, вели косовскиот премиер Хашим Тачи. Неговиот српски колега Дачиќ, тврди дека „специфичноста на српскиот народ во Косово не може да се реши само со решенијата кои постојат во актуелниот косовски устав“.

Српските претставници во Брисел доаѓаат да „покажат единство и подготвеност за договор“.

„Ние повеќе немаме каде, тоа што го предложивме, го сторивме искрено и ниту еден Србин нема да понуди повеќе од тоа. Важни се само надлежностите“, рече српскиот премиер.

Неизвесни ЕУ перспективи

Во Брисел денеска ќе стане збор и европските перспективи на Србија, најавува вицепремиерот Вучиќ. Тој вели дека во Брисел „се доаѓа по датум“ откако Србија исполнила 90 проценти од она што ЕУ го барала од земјата.

Dialog Belgrad-Pristina

Момент од дијалогот Белград-Приштина

Сепак, клучно за тоа прашање ќе биде договорот со Косово. Во Брисел неофицијално се очекува да дојде до договор на следната рунда од дијалогот, закажана за 20 март. Понатаму, пред извештајот кој високата претставничка Ештон треба да им го поднесе на земјите членки на ЕУ на 16 април, би се одржала уште една, осма рунда од дијалогот, на која треба да се официјализира постигнатиот договор.

И додека земјите членки на ЕУ очекуваат да видат конкретни договори, но и нивна примена, пред да одлучат за следните чекори на јулскиот самит, Белград и Приштина во наредните месеци ги очекуваат многу работа и тешки одлуки, засега со неизвесен исход.