1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србија: маргинализирана приказната за ЕУ

Европските интеграции за првпат по 2000-та година не се примарна тема во изборната кампања во Србија. Но, тоа не значи дека по изборите ќе биде загрозена стратешката ориентација кон ЕУ , оценуваат дел од аналитичарите.

Расположението на граѓаните, кои пред се’ ги интересираат економските теми, едноставно им ги наметна на партиите главните теми во кампањата, вели Александра Јоксимовиќ, директорка на Центарот за надворешна политика.

„За тоа би се зборувало многу повеќе ако Србија не станеше кандидат за ЕУ. Вака таа приказна едноставно е надмината и маргинализирана во изборната кампања. Освен што одредени партии се против влезот во ЕУ и инсистираат на тоа како своја предизборна платформа, како што е, да речеме, Демократската партија на Србија. Значи, таа е партијата што во кампањата го нагласува тоа како своја различност во однос на останатите, кои горе-долу постигнаа консензус дека ЕУ е надворешно-политички приоритет на Србија по изборите, ако од тоа ги одземеме радикалите“, вели Јоксимовиќ.

Parlamentswahlen in Serbien 2012 Karikaturen

Ако партијата на Воислав Коштуница влезе во владата, тогаш европскиот пат на Србија ќе биде загрозен

ЕУ сепак е значајна тема

Сметам дека сепак не е точна оценката дека ЕУ не е главна тема на изборната кампања, изнесува спротивно мислење за Дојче веле Никола Јовановиќ, уредник на списанието „Предизвици од европските интеграции“. Националните и европските политики се многу помешани и поврзани, што е случај и со Србија која е кандидат за ЕУ, смета Јовановиќ.

„Така што ако не зборува дирекно за тоа ДА или НЕ, или кога да се влезе во ЕУ, сепак многу се зборува за односот кон ЕУ, за реформите што, меѓу другото, ги наложува и Европа. А, има и некоја идеја за политичка неутралност, за волја на вистината кај малите политички партии. Така што Европа е важна тема во кампањата, но тоа можеби помалку го приметуваме со оглед на тоа што за неа се зборува со помала страст и помалку со позиции за исклучивото ДА или НЕ за Европа“, вели Јовановиќ.

Европскиот пат сепак е сигурен

Проценките велат дека главните кандидати за формирањето на новата влада ќе бидат Демократската партија или Српската напредна партија, доколку не дојде до создавање на т.н. голема коалиција меѓу овие две партии. Една од главните нејаснотии е колку составот на новата влада би можел да влијае на европскиот пат на Србија. Александра Јоксимовиќ смета дека Српската напредна партија има мал маневарски простор, кога станува збор за изборот на партнери по изборите, и дека тој пат би можел да биде загрозен само доколку Демократската партија на Србија на Коштуница влезе во владата.

„Тие со својот став за ЕУ практично самите себе се исклучуваат како потенцијален коалиционен партнер и нивниот коалиционен потенцијал во моментов е извонредно низок. Така што верувам дека изборните резултати, без оглед на некоја нивна суштинска неизвесност, ќе и’ обезбедат на Србија подалечен европски пат“, оценува Јоксимовиќ.

Parlamentswahlen in Serbien 2012 Karikaturen

Партијата на Борис Тадиќ има искуство со евроинтеграциите

Најбрзо со Демократската партија на Тадиќ?

Владата на Демократската партија обезбедува континуитет на европската политика, оценува Никола Јовановиќ, бидејќи станува збор за политички актери кои веќе стекнаа големо искуство во евроинтеграциите.

„Додека коалицијата околу Српската напредна партија би значела еден вид на претходно запознавање, воведување и на некој начин со сигурност би значела помал интензитет, пред се’ на политичката работа поврзана со европските интеграции. Секако останува прашањето за помалите партии. Јас лично не верувам дека, на пример, Либерално-демократската партија би внела некоја дополнителна брзина или квалитет во европските интеграции, со оглед на тоа дека е малку помала партија. Но, сепак главниот партнер во коалицијата може да биде клучен и тука Демократската партија е во предност во однос на Српската народна партија“, забележува Јовановиќ.

Стратешката ориентација на Србија кон ЕУ секако дека нема да биде загрозена по изборите, оценува Јовановиќ заклучувајќи дека таа политика веќе полека станува константа во политичкиот живот на Србија.