1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србија конечно до привремената цел - а што е со другите?

Србија го доби статусот на кандидат за членство во ЕУ. Хрватска наскоро ќе стане членка, Македонија одамна чека почеток на преговорите, Црна Гора нешто пократко. Турција преговара со години, а БиХ се’ уште чека статус...

Србија по напорните преговори и договорот со Косово во последен момент стана кандидат за можен влез во заедницата на 27 држави на Европската унија. Тоа е важен чекор на долгиот пат кон членство. Србија во декември 2009. година официјално аплицираше за прием во ЕУ. Сега Еврокомисијата во Брисел на новиот кандидат Србија, ќе му ги наведе условите кои мораат да бидат исполнети за отпочнување на официјалните преговори за членство.

На таков официјален почеток на пристапните преговори чека кандидатот Македонија, и тоа уште од 2005. година наваму. Земјата практично ги исполни сите услови за отпочнување на преговорите, но се’ уште останува нерешен спорот за името со Грција, земја- членка на ЕУ.

Вториот кандидат кој и натаму чека на отворање на официјалните преговори за прием во ЕУ е Црна Гора. Државата која во 2006. година се одвои од државната заедница со Србија има статус на кандидат од 2010. наваму.

Исланд блиску, Турција далеку

Друга група кандидати пак е чекор понапред. Исланд и Турција преговараат за членство со ЕУ. Островската држава во северниот Атлантик брзо напредува. Од нејзиниот банкрот за време на финансиската криза, земјата е се’ поблиску со ЕУ. Од 2010. година наваму се водат конкретни преговори. Исланд веќе има преземено многу закони на ЕУ. Во моментов преговорите се заглавени околу забраната за лов на китови во ЕУ и отплаќањето на долговите кон граѓаните на Велика Британија кои штедеа во пропаднатите исландски банки. Сепак Исланд би можел релативно бргу да ги заврши преговорите.

Турција пак има досега најдолг пат кон членство зад себе. Уште 1998. година земјата аплицираше за прием. Во 1999. година доби статус на кандидат, а од 2005. се водат официјални преговори за членство. Со оглед на тоа дека поединечни влади од земјите од ЕУ, меѓу нив и француската и германската , имаат задршки во однос на приемот на Турција во ЕУ, преговорите се одвиваат со „отворен исход“. Дали Турција ќе влезе во ЕУ, најверојатно ќе биде решено на крајот од деценијата. Од 2006. година наваму преговорите се заглавени бидејќи Турција не го признава Кипар , кој во меѓувреме е членка на ЕУ.

Хрватска успеа

Хрватска ќе стане членка на ЕУ на 1. јули 2013. година. Лидерите на земјите од ЕУ во декември минатата година го потпишаа договорот за членство и преостанува уште неговата ратификација во националните парламенти. Хрватска уште во 2003. година поднесе барање за прием во ЕУ. Значи десет години ќе трае процесот за зачленување во Унијата.

Европската унија на сите земји од Западен Балкан им вети дека ќе влезат во европската заедница ако ги исполнат неопходните критериуми. Статус на „потенцијални“ кандидати за членство во моментов имаат Босна и Херцеговина , Косово и Албанија.

Европски перспективи

БиХ досега нема поднесено апликација за прием во ЕУ. Земјата важи за премногу нестабилна за официјални преговори за членство. Во 2008. година беше потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, со цел БиХ да се приближи до европските стандарди и во догледно време да биде подготвена за членство.

Косово го немаат признато сите членки на ЕУ. Затоа за сега не се можни официјални чекорикон членството во Унијата. Но во 2008. година ЕУ утврди дека и Косово има „европска перспектива“, кога ќе бидат разјаснети прашањењто за статусот и односите со Србија.