1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Србија како ној со глава во песок

Србија не очекува каква било промена во политиката на Берлин по изборите во Германија. Јавното мислење во Србија е целосно неупатено во политичките случувања во Германија.

Не може да се очекува каква било промена на политиката на Берлин кон Србија, без оглед на конечните резултати од изборите во Германија, оценува за Дојче веле Владан Марјановиќ, уредник на наворешнополитичката рубрика во магазинот НИН. Освен тоа, се очекува Ангела Меркел да остане на власт и најверојатно да добие нов мандат, само прашањето е во каков состав нејзината коалиција ќе настапи по 22 септември, вели Марјановиќ.

„Се’ останато од српска перспектива останува исто. Нема причина Берлин да го менува односот кон Србија, кој како што е познато не е благонаклонет. Белград нема причина да верува дека ќе дојде до некаква промена. Дури и кога во некое фантастично сценарио на власт во Германија би дошла некоја друга гарнитура, мислам дека односот кон Србија би останал целосно ист“, вели новинарот Марјановиќ.

Релаксирање по изборите?

TV-Duell Kanzlerin Angela Merkel gegen Spitzenkandidat Peer Steinbrück

Србите не знаат дека главен конкурент на Меркел е Пер Штајнбрик (лево на фотографијата)

Германските избори беа актуелни во текот на летото, кога беше актуелна и темата за добивање на почеток на преговорите со ЕУ, истакнува за Дојче веле професорот на Факултетот за политички науки Предраг Симиќ. Сега може да се очекува дека по германските избори ќе исчезнат причините за блокада во преговорите на Србија со ЕУ во јануари следната година, смета Симиќ.

„Се очекува Берлин да биде релаксиран од притисокот на изборите и дека можеби Белград ќе има нешто полесна работа во месец јануари, кога тие преговори конечно би требало да почнат и за кои пречка во голема мера беа барањата кои доаѓаа од Берлин, а за кои овде (во Србија, н.з.) многумина веруваа дека имаат врска со очекуваните избори во Германија“, вели професорот Симиќ.

На запад ништо ново за Србија

Клучните политички ставови, кои се однесуваат на Србија, главно се исти во сите водечки западни земји и тие не зависат премногу од промените на политичката гарнитура во тие земји, вели Владан Марјановиќ. За тоа треба да бидат свесни и српските политичари и да престанат да се занимаваат со тоа дали овој или оној политичар, или парија, би ја променил позицијата во однос на Србија“, вели Марјановиќ.

„Затоа мислам дека од српска страна би било доволно да се води сметка за тоа да се одржуваат добрите контакти со сите страни, кои кај нас можеби се потценуваат кога е во прашање соработката со водечките западни земји. Значи, и за партиите на власт и за партиите во опозиција, пред се’ во Германија која за нас е исклучително важна“, вели новинарот Марјановиќ.

Guido Westerwelle zu Besuch bei Premierminister Ivica Dacic in Belgrad Serbien

Министерот за надворешни работи на Германија Гидо Вестервеле фотографиран со српскиот премиер Ивица Дачиќ

Апатија кон светските случувања

Со оглед на значењето на Германија во Европа и ЕУ, како и на значењето на билатералните односи меѓу двете земји, српското јавно мислење е, би можело да се рече, потполно неупатено во случувањата на германската политичка сцена, истакнува Марјановиќ.

„Мислам дека ако сега запрете десет минувачи на улица и ги прашате кој е противкандидат на Ангела Меркел на претстојните избори, во сите десет случаи би добиле одговор – не знам“, вели новинарот.

Марјановиќ додава дека слични резултати би се добиле и кога би ги анкетирале српските политичари. Иста оценка изнесува и професорот Предраг Симиќ.

„Кога станува збор за широкото јавно мислење, мислам дека 99 проценти од луѓето во Србија би имале проблем, освен Ангела Меркел, да наведат име на уште еден актуелен политичар во Германија“, нагласува професорот Симиќ.

Србија главно е свртена кон себе и внатрешните прашања, а светот се набљудува на многу специфичен начин – значи, само ако тоа на некој начин влијае на Србија, оценува Марјановиќ. Интересирањето е многу слабо, но и разбирањето за она што се случува во Европа, а за светот и да не зборуваме, смета Марјановиќ. Професорот Симиќ напоменува дека Србија слабо ги следи случувањата дури и во своето непосредно опкружување, а не пак во Европа или светот.

„Се однесуваме како ној кој ја забил главата во песок, што и не е за пофалба за земја која претендира за членство во ЕУ“, оценува професорот Симиќ.