1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Србија и Хрватска долеваат масло на огнот во БиХ

Во моменти на најголема нестабилност во БиХ во последниве 20-ина години, претставниците на Србија и Хрватска само ја влошија состојбата со состаноците со политичарите од нивните национални табори.

Иако на прв поглед во посетите на политичарите од Србија и Хрватска на Република Српска и на градот Мостар нема ништо необично, доколку тие се стават во контекст на нередите во БиХ последните денови, пораката од нив и не е толку незначајна. Напротив, многумина имаат замерки кон хрватскиот премиер Зоран Милановиќ, поради тоа што во период на најголема криза во земјата, одлучи да го посети Мостар, а притоа воопшто да не го информира официјално Сараево. Прв реагираше хрватскиот член на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, кој изјави дека соседните земји не треба да се плеткаат во внатрешните работи на БиХ.

Proteste gegen die Regierung in Bosnien 07.02.2014

Протестите во БиХ немаат етнички предзнак

„Премиерот на соседната држава сепак треба да дојде во главниот град на државата. Ја почитувам неговата уставна обврска, но пораката сепак треба да биде упатена кон сите граѓани на БиХ, а не само кон еден негов дел. Благодарам на поддршката, но сметам дека таа би била посилна и погласна од Сараево“, изјави Комшиќ.

Од друга страна, повеќе од индикативен е состанокот на претседателот на Република Српска Милорад Додик и лидерот на СДС Младен Босиќ со првиот потпретседател на Владата на Србија Александар Вучиќ. Дали станува збор за страв од можно префрлање на немирите надвор од границите на БиХ или за нешто друго?

Политичко самоубиство на Вучиќ!

Директорот на Форумот за етнички односи од Белград Душан Јањиќ смета дека Србија погрешно ги гледа настаните во БиХ, а солидаризирајќи се со властите во РС „Вучиќ го избра најдобриот начин да изврши политичко самоубиство“.

Kroatien Premierminister Zoran Milanovic Archivbild

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ

„Со своите изјави, Вучиќ ја отвори можноста за сите незадоволни луѓе и за целата опозиција да поттикнат исти такви протести и во Србија. Она што го манифестираа Зоран Милановиќ и Александар Вучиќ е одбрана на нациократијата, одбрана на етничкиот принцип, а демонстрациите не се за тоа. Демонстрациите се за лебот, а не за игрите“, вели Јањиќ.

Во Федерацијата на БиХ ниту еден од овие состаноци не е оценет позитивно. Изјавата на Вучиќ дека „прашањето на политичката, економската и социјалната стабилност на РС е клучно за Србија“, според директорот на Центарот за меѓународни односи од Бања Лука, Милош Шолаја е доказ дека земјите во регионот се плашат од немири.

„Во Србија тоа сигурно би го оневозможило нормалниот тек на изборите. И кризата во РС би била едно од предизборните средства кои би влијаеле на радикализација на политичката сцена во Србија“, вели Шолаја.

Професорот Иван Римац од Загреб го дели мислењето дека во овие моменти мешањето од надвор не е добредојдено. „Без оглед на тоа што Хрватска и Србија се гаранти на Дејтонскиот договор, мислам дека ни Србија ни Хрватска не смеат, дури ни преку Србите и Хрватите, да влијаат врз БиХ“, смета Римац.