1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Сребреница: Се‘, само геноцид не

Немања Рујевиќ / К.К.8 јули 2015

Медиумите и политичарите ги сакаат годишнините, бидејќи тоа е прилика за подвлекување црта. Српското општество, што се однесува до Сребреница, е се‘ уште далеку од тоа.

https://p.dw.com/p/1Fu16
Фотографија: picture-alliance/dpa

Не беше толку одамна кога Александар Вучиќ - висок речиси два метра - ноншалантно ги прелепуваше таблите на булеварот Зоран Ѓинѓиќ, со натписи на кои стои името на Ратко Младиќ. Актуелниот премиер на изведувачот на Сребреница му нудел и сигурна куќа во Белград. Но, излезе поинаку - Младиќ е во ќелијата во Шевенинген, додека Вучиќ е во кабинетот на „Немањина“ бр. 11. Денеска признава дека имал „многу глупави изјави“ во својот прв живот. Добар дел од тие изјави се однесуваа и на геноцидот во Сребреница. Најпопуларниот политичар во поновата историја на Србија, меѓутоа, со промената на својата реторика пацифицираше и голем дел од поранешните гласачи на радикалите. Две децении по злосторството во Сребреница негацијата и релативизацијата не исчезнаа сосема од српскиот општествен простор, но ги има во многу помала мерка отколку пред европеизацијата на Вучиќ.

Се‘, само геноцид не

„Вучиќ е политички конвертит“, вели Филип Шварм, одговорен уредник на неделникот „Време“. Тој за Дојче Веле објаснува дека српскиот премиер не може денес да користи реторика од деведесеттите за Сребреница и Младиќ, и во исто време да се претставува како шампион на евроатлантската интеграција или неолибералната насока на пазарот.

Меѓутоа, колку Вучиќ произведува мејнстрим ставови во Србија, толку истовремено и им робува, плашејќи се да не го наруши својот рејтинг. Во случајот Сребреница вџашувачка е сличноста на изјавите на водечките политичари и она што го зборува обичниот народ. „Мејнстримот во Србија веќе не ја оспорува Сребреница, но иако се релативизира помалку, и натаму има многу премолчување“, вели Филип Шварм. „Големото мнозинство смета дека не станувало збор за геноцид, туку веќе се користат изрази како масакр или тешко воено злосторство. Треба да се потсети дека ниту еден од српските претставници не го изговорил зборот геноцид во врска со Сребреница и дека тој збор не е споменат во резолуцијата на српскиот парламент пред неколку години“, додава тој.

Значи, познатото „да, но“ сега мутира, но се‘ уште е присутно. Во таква атмосфера можно е само од чисто (не)заминување на српскиот премиер на комеморацијата по повод 20 години од Сребреница да се изроди жестока дебата во јавноста. Се‘ е дополнително засилено со предлог британската резолуција во која српските политичари веднаш изброија колку пати се споменува зборот геноцид, како и со одлуката на швајцарските власти да го екстрадираат Насер Ориќ во Сараево, а не во Белград. Подвоеност покажа и Вучиќ, кој неодамна успеа во исто обраќање да каже дека ќе се поклони пред жртвите од Сребреница, за неколку секунди потоа да каже дека се‘ уште не знае дали ќе оди во Поточари.

NO FLASH Boris Tadic bei Gedenkfeier Srebrenica 2010
Поточари: Српскиот претседател Борис Тадиќ присуствуваше на одбележувањето на 15-годишнинатаФотографија: AP

Две иницијативи

Одењето на Вучиќ ќе биде признание дека Србите се „геноциден“ народ - така размислуваат неколку стотици студенти кои ја потпишаа петицијата против заминувањето на Вучиќ на комеморацијата. „Проблемот со терминот геноцид е што кај просечниот граѓанин секогаш со споменувањето на Србите се создава асоцијација за геноцид“, вели за Дојче Веле Ненад Узелац, студент на Факултетот за политички науки во Белград и еден од иницијаторите на петицијата. Во свеста на западната јавност, вели тој, геноцидизацијата на српскиот народ би создала легитимитет за западните држави да дејствуваат против „српските варвари“. „Ако ние го признаеме геноцидот и ние даваме легитимитет за некој да не‘ туторизира и ’цивилизира’, работејќи и против нашиот интерес. Поради тоа, ние сме против српските претставници со своето заминување да даваат легитимитет на оваа демонизација“, објаснува Узелац.

Тој наведува голем број причини и факти поради кои смета дека во Сребреница се случил „ужасен масакр“, но не и геноцид. Убивањето, вели тој, го предводеле хрватски и словенечки платеници, убиени се многу помалку Бошњаци отколку што официјално се смета, некои од нив биле борци, а некои други ги убила самата армија на Босна и Херцеговина. Впрочем, наведува Узелац, „во Сребреница постоела селективност, што не е елемент на геноцид. Жените, децата и старите биле спасувани. Ако Германицте вршеле геноцид на тој начин, три до четири милиони Евреи би преживеале.“ Тој додава дека заедно со останатите потписници на петицијата посакуваат „искрено помирување со муслиманскиот народ во Босна“, но пред тоа мораат да видат барем еден чекор на покајание од другата страна и признавање на српските жртви.

Веќе се јавија неколкумина интелектуалци, поранешни и сегашни универзитетски професори, разочарани затоа што, како што велат, младината е масовно изманипулирана, па денес потпишува вакви петиции. Професорката Србијанка Турајлиќ главните виновници ги гледа во „постпеттоктомвриските“ елити кои не го осудиле геноцидот доволно јасно. Но Филип Шварм едноставно се прашува: зошто студентите би се разликувале од општеството? „Во општеството постојат десничарски кругови, кои се силни и на универзитетот. Искуството ни говори дека еден дел од десницата и онака гравитира околу одредени академски институции. Затоа бројот на оние кои ја потпишале петицијата ниту е претерано импозантен, ниту пак мислам дека е претерано важен“, смета тој.

Има и сосема поинакви иницијативи, како онаа на новинарот Душан Машиќ, кој ги повикува граѓаните на 11 јули да легнат пред српскиот парламент, симболизирајќи ги жртвите од Сребреница. Запрашан што мисли за тоа, министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека тоа му мириса на политички мотивирана акција. Каква? „Ќе видиме“, мистериозно изјави сомничавиот министер.

Идеолошки конструкции

Младиот книжевник и блогер Владимир Табашевиќ забележува континуирана политизација на Сребреница - и кај народот на сторителите и кај народот на жртвите. Овој млад човек се гледа низ призмата на класите, за што често пишува на својот блог prezupč.net. Во Србија, вели, се издвојуваат оние од пропаднатото работништво кои и натаму ја подгреваат националистичката атмосфера и оние кои веруваат дека се еманципирани, па мислат дека се‘ треба да се посипе со пепел. Сребреница стана „корпорација“, која е дел од еден поширок склоп, вели Табашевиќ: „Некој се навраќа на 1999, некој на 1945, а некому сето тоа му е во интерес. Таа политика го заматува она што е во интерес на поголем дел од луѓето на Балканот. Се предизвикуваат лажни национални антагонизми, затоа што така не се поставува прашањето како живеат тие луѓе, не се прашува за леб.“

Ако останеме на вокабуларот „ако веќе нема леб, мора да има игри“, тој рецепт во Србија е поактуелен од кога било. Како и претходната тркалезна годишница, и оваа е дочекана без каков било вид општествен консензус за она што се случи во јули 1995, за тоа кој е виновен,и пред се‘ - како треба да се однесуваме кон злосторството. Цртата под Сребреница се‘ уште не е подвлечена, играта се‘ уште трае.