1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србија и Косово заеднички ќе управуваат со границите

Напредокот во дијалогот со Приштина, на Белград најверојатно ќе му донесе датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Србија и Косово договорија заедничко управување со границите.

Премините Рудница и Медаре ќе бидат првите на кои од 10 декември ќе почне да се применува заедничкото управување со премините меѓу Србија и Косово. Во Брисел е договорено да нема царинење на стоките на самите премини, туку камионите да се упатуваат кон царинските терминали на територијата на Србија и Косово. Дефинирано е и присуството на Еулекс на премините.

„На премините Јариње и Брњак, Еулекс ќе има еднакво присуство како и претставниците на Приштина и Белград. Еулекс, заедно со претставниците на косовската полиција и царина ќе ги врши сите релевантни процедури. На останатите премини, Мердаре и Кончуљ, Еулекс нема да има толку бројно присуство“, објаснува главниот преговарач на Белград, Дејан Павичевиќ.

Од граничните премини на северот на Косово ќе бидат тргнати и сите видови државни ознаки. Ќе бидат истакнати само „функционални информации“ и тоа на три јазици - српски, албански и англиски.

„Тоа значи дека од премините ќе бидат тргнати сите знамиња. Нема да има ни знамиња ни грбови“, вели Павичевиќ.

Договорот ќе го финализираат премиерите

Иако поголемиот дел од деталите за заедничкото управување на границите

беше усогласено од работни групи, договорот вечерва треба да го финализираат премиерите Хашим Тачи и Ивица Дачиќ.

Благодарение на тој договор, кој се оценува како „голем пробив за Србија“, надворешно-политичкиот одбор на Европскиот парламент синоќа оцени дека Србија е на чекор до добивање датум за почеток на преговори со ЕУ. Таквите сигнали ги потврди и известувачот за Србија, Јелко Кацин.

„Мојот став е дека Србија треба што побрзо да добие датум за почеток на преговори“, вели Кацин.

На оваа тема, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе расправаат во пресрет на самитот на Унијата, на 10 и 11 декември.