1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Србија и Косово без договор за правосудството

Дали без договор за правосудството е доволен досегашниот напредок за нормализација на односите со Косово и внатрешните реформи за ЕУ да ги почне преговорите со Србија за членство?

Иако се согласни дека на територијата на Косово треба да постои единствен правосуден систем, Белград и Приштина сѐ уште не можат да постигнат договор за тоа како тој треба конкретно да функционира на северот на Косово.

Дваесетатта рунда на дијалогот на премиерите на Србија и на Косово во Брисел не донесе договор за трансформација на српските судови кои постоеа на северот. Правосудството остана единственото отворено прашање во досегашниот процес за нормализација на односите меѓу двете страни во кој не е постигнат напредок. „Во оваа област мора да се уважува реалноста на теренот и да се дојде до практично и применливо решение кое мора да ја има во вид посебноста на општините на северот во кои Србите се мнозинство“, изјави српскиот премиер Ивица Дачиќ.

Според бриселскиот договор, структурата на правосудните органи, како што тоа беше случај со полицијата и интегрираното управување со премините, мора да ја следни етничката структура. Белград смета дека во овој момент не е реално „албански судии и обвинители да им судат на Србите и обратно“ и дека поради тоа во овој момент предлогот на Приштина, Основниот суд на северот да покрива седум општини не е прифатлив.

„Предлогот на Приштина практично значи дека северот на Косово ќе биде опфатен во една албанска средина, каде Албанците ќе чинат 65 до 70 насто од населението, што за нас едноставно не е прифатливо“, вели Дачиќ.

Не идеален, но позитивен извештај на Кетрин Ештон?

И додека експертските групи продолжуваат да работат на барање заедничко решение за областа правосудство, сѐ поизгледно е дека токму ова прашање ќе остане „минус“ во извештајот со кој шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон, на почетокот на идната недела би требало да го поднесе пред министрите за надворешни работи на ЕУ, кои потоа треба да одлучуваат за датум за почеток на пристапните преговори на Србија. Извори блиски до кабинетот на високата европска претставничка најавуваа дека со договорот за правосудството извештајот за напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина би бил „речиси идеален“.

„Генерално сметам дека Србија, без оглед дали во наредните денови ќе дојде до договор или не, постигна голем напредок во однос на периодот пред потпишувањето на бриселскиот договор. И без оглед на овие договори, сметаме дека Европскиот совет и Советот на министри за општи работи треба да донесе одлука за одржување на првата меѓувладина конференција што побрзо“, е став на премиерот на Србија.

Истовремено од Советот на ЕУ најавуваат дека за напредокот на Западен Балкан ќе се разговара на состанокот во вторник (17.12.) кога се очекува и усвојување на преговарачката рамка, но и точниот датум за почеток на преговорите за членство на Србија во ЕУ. Од литванското претседателство со ЕУ порачуваат дека е „реално да се очекува“ Србија да може да ги почне преговорите „повеќе на средината отколку крајот на јануари“.

Предлогот за одржување на првата меѓувладина конференција веќе во декември не наиде на одобрување кај некои земји членки, кои сега со непостигнување на договорот за правосудството добија и дополнителен аргумент за својот „тврд став“ кога е во прашање новиот чекор на Србија на патот кон ЕУ.