1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србија-земја од која младите сакаат да си одат

Што значи за Хрватите од Војводина влезот на Хрватска во Европската унија? Едни очекуваат дека Загреб сега повеќе ќе се залага за решавање на нивните проблеми, а други дека ќе им се олесни заминувањето на Запад.

Претставниците на повеќето институции и организации на хрватската заедница во Војводина го поздравија влегувањето на Хрватска во Европската унија и изразија уверување дека тоа ќе го зголеми меѓународно влијание на Хрватска, што може да биде од значење кога е во прашање решавање на проблемите со кои Хрватите се соочуваат при остварување на своите права во Србија. Меѓутоа, нејасно е дали Хрватите од Војводина тоа ќе го разберат како нова можност за иселување, во потрага по подобар живот, односно, дали оосбено младите кои имаат хрватски пасош, влегувањето на Хрватска во ЕУ ќе го разберат како зелено светло за заминување од Србија?

„Прво, со влезот на Хрватска во Европската Унија ќе се зголеми чувството на сигурност на Хрватите во Србија. Факт е дека одреден број Хрвати во Србија имаат и хрватско државјанство. Секако дека младите и образовани Хрвати најверојатно ќе си заминат“, вели за Дојче Веле Томислав Жигманов, директор на Заводот за култура на Хрватите од Војводина.

Kroatien wird EU-Mitglied

Нејасно е дали Хрватите од Војводина влезот на Хрватска во ЕУ ќе го разберат како нова прилика за иселување.

Мато Грозница од Хрватскиот национален совет во Република Србија, кој е и заменик на покраинскиот секретар за национални малцинства, пак, за ДВ вели дека не верува дека ќе има значен одлив на Хрватите од Војводина. „Тие кои ја имаа таа амбиција, тоа одамна го направија. Економска криза нема само во Србија, ја има и во Хрватска, а ниту во Европската унија не е лесно да се најде работа, освен можеби за некои информатички и специјализирани професии“, смета Грозница.

Тие кои сакаа - веќе заминаа

Јосип Стантиќ, новинар од Суботица, вели дека голем број Хрвати во Војводина имаат хрватски пасош, но се согласува со Грозница во мислењето дека тие кои сакале - веќе си заминале од Војводина и Србија. „Не верувам дека сега нешто драстично ќе се смени. Во разговорите со луѓето сега немам забележано некоја поголема желба за заминување“, наведува Стантиќ.

Тој се согласува со Жигманов во проценката дека со влезот на Хрватска во Европската унија, хрватското малцинство во Србија доби повеќе самодоверба, бидејќи порасна и рејтингот на Хрватска во меѓународната заедница, а со тоа и можноста да го заштити своето малцинство во Србија. „Претставниците на хрватската заедница сметаат на тоа дека Хрватска ќе биде во нова позиција како член на ЕУ и дека ќе ги следи чекорите на Романија, Бугарија и Унгарија во насока на заштита на правата на своите малцинства, односно ќе пријде посериозно кон решавање на отворените прашања кои го притискаат хрватското малцинство, кое во Србија не е мало. Затоа, овдешните Хрвати сигурно нема да ја злоупотребуваат новата позиција на Хрватска и нема при најмал проблем да реагираат до матичната држава, но секако очекуваат проблемите да бидат поефикасно решавани“, смета Јосип Стантиќ.

Josip Stantic, Journalist aus Vojvodina, Serbien

Јосип Стантич: Не верувам дека сега нешто драстично ќе се смени

Ана од Нови Сад потекнува од Срем и за ДВ вели дека и тоа како размислува да си замине од Србија, независно од тоа што има хрватски пасош. „Но самиот факт што имам хрватски пасош е охрабрувачки и релаксирачки“, наведува таа. Наталија од Суботица, покрај српско има и унгарско и хрватско државјанство, но не размислува поради тоа да се пресели од Војводина. „Не ми е во план да се преселам поради тоа. Единствена можност која со задоволство ја користам со унгарскиот и хрватскиот пасош се патувањата. Од овде ќе си заминам само во случај да има немири во Србија“, вели таа.

„Си одам штом завршам факултет“

Од друга страна, Душан од Нови Сад, кој е на трета година студии во Нови Сад, а е роден во Вуковар, за ДВ вели дека заминувањето од Србија е негов план за иднината, односно ќе замине кога ќе заврши факултет. „Впрочем и досега сум размислувал за тоа, но немам како. Не можев да најдам ниедна добра прилика. Но кога ќе завршам факултет, сериозно ќе размислувам за тоа, тоа се моите планови“, вели Душан.

Желбата на Душан не е ништо необично за младите во Србија, без разлика дали имаат или немаат хрватски пасош. Во последните две години се забележува тренд на интензивно изучување унгарски јазик кај голем број од младите, за да добијат унгарско државјанство, иако не се етнички Унгарци, и со тоа да си отворат перспектива за полесно да добијат работа во ЕУ и за легален и подолг престој на Запад.

Symbolbild Schengener Abkommen Visum Europa Reisefreiheit

Желбата на младите да заминат на Запад не е ништо необично, без разлика дали имаат или немаат хрватски пасош

Различни истражувања меѓу младите исто така покажуваат слични резултати, кога станува збор за иднината. Односно, повеќе од половината сакаат да си заминат од Србија во странство. Додуша еден дел од нив би се вратиле дома, по искуството во дијаспората, се разбира - доколку ситуацијата во Србија се поправи и почне да се вреднува работата и талентот, а не партиската припадност. Бидејќи, како што велат: сите земји може на овој свет може да се поделат на земји од кои се сака да се замине и земји во кои се сака да се стигне. Србија, за жал, е се` уште во првата група.