1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: ЕУ или Евроазија?

Немања Рујевиќ/сн3 јуни 2016

Србија ќе преговара за трговски договор со земјите од Евроазиската економска унија. Тоа не треба премногу да возбуди никого во Брисел, велат соговорниците за ДВ, бидејќи руската Унија не е вистинска алтернатива на ЕУ.

https://p.dw.com/p/1Izo9
Фотографија: dapd

Додека обичај на белградските власти е секоја можна и неможна инвестиција да ја најавуваат со месеци однапред и постојано ветуваат економска добивка, за претстоечката соработка со Евроазиската економска унија (ЕЕУ) мистериозно молчеа. Дури во вторникот (31.5.) кратката вест од казахстанската престолнина Астана, каде се сретна Врховниот совет на ЕЕУ, до српските граѓани стигна по заобиколен пат, преку руските државни медиуми. Тоа беше доволно „Политика“ да објави „Путин ги одобри преговорите“, а „Вечерње новости“ триумфално да објават „Српска стока за 180 милиони купувачи!“.

Од техничката влада само министерот за трговија, Расим Љајиќ, пост фестум им објасни на медиумите дека Србија ќе стапи во преговори со ЕЕУ за текстот од договорот „кој содржи список на стока која ќе се разменува без царина“. „Како што е познато, Србија е заинтерсирана на тој список пред сѐ да се најде Фиат 500Л, како и живинско месо и некои видови сирење“, рече министерот.

И едно и друго

Од зборовите на Љајиќ може да се заклучи дека не станува збор за пристапување кон ЕЕУ, туку во нејзината Зона на слободна трговија. Членки на Унијата се Русија, Белорусија, Казахстан (трите земји со кои Србија има договори за бесцаринска трговија), Ерменија и Киргистан, додека кон Зоната на слободна трговија засега е придружен Виетнам, наскоро би требало да се придружи Египет, а се преговара и со Тајланд.

Интерес покажаа и други поголеми и помали економски сили.

Рускиот државен портал Спутник на српски јазик пренесува дека се работи за „нова растечка унија“ која нуди слободна трговија „без оптоварувачки правила и уцени, својствени за бриселската администрација“, и сугерира оти ЕЕУ може да биде алтернатива на европските интеграции.

Поинаков став во разговорот за ДВ изнесува Михајло Црнобрња, професор на Факултетот за економија, финансии и администрација. „Ова не го гледам како напуштање на европското тежнеење, ниту како вртење кон источниот пазар. Тоа е настојување Србија да води политика 'и-и', а не 'или-или'. Ќе видиме колку долго ќе може да води ваква политика, како ќе се приближува до ЕУ. Сега треба ние да ја увериме ЕУ дека пристапувањето кон овој договор не е антиевропско, што е полесно да се каже отколку да се стори. Но можеби вреди да се проба.“

Moskau Eurasische Wirtschaftsunion Gipfel 23.12.2014
Фотографија: picture-alliance/epa/Maxim Shipenkov

Што ќе рече Брисел?

Шефот на Европската комисија Жан-Клод Јункер кон крајот на минатата година наложи да се испитаат можностите за економска соработка меѓу Брисел и ЕЕУ. Оттогаш сето стои на мраз, со оглед дека и натаму трае војната со санкции поради руската анексија на Крим. Јункер меѓутоа се залага за одмрзнување на односите кон Москва и така се толкува и неговата согласност на 16. јуни да учествува на еден меѓународен економски форум во Санкт Петербург.

Како тогашЕУ ќе се однесува кон евентуалниот влез на Србија во руската бесцаринска зона, со оглед дека такви искуства со некоја земја-кандидат за членство во ЕУ досега немало?

Јелена Милиќ, директорка на Центарот за евроатлански студии, вели оти тоа е тешко да се каже, со оглед на тоа дека не е јасно дали трговскиот договор е „поврзан со политички услови“. Таа во разговорот за ДВ додава дека ЕУ и ЕЕУ никако не можат да бидат ставени во ист кош, бидејќи ЕЕУ „регулира само трговија додека со прашањата за внатрешно уредување, човекови права и правна држава воопшто не се занимава“.

Односот на ЕУ кон српското пристапување во руската трговска зона веројатно ќе се темели на искуството со Централноевропската спогодба за слободна трговија (ЦЕФТА), верува професорот Црнобрња. Сите држави кои пристапуваа во ЕУ мораа автоматски да ја напуштат ЦЕФТА, договор кој сѐ уште важи за шест држави од Западниот Балкан и Молдавија.

„Водени од тоа искуство, веројатно и Србија- во моментот кога ќе влезе во ЕУ- ќе мора да го напушти евроазиското трговско партнерство. Во Белград се надеваат дека тоа ќе се случи за четири, пет години, но се сомневам дека тоа ќе оди толку брзо. Можно е дека српските власти ќе се обидат да го искористат тој меѓупериод во согласност со онаа наредната поговорка: „Галено јагне од две овци цица“.

Има ли Србија нешто да продаде?

Но колку која овца ќе биде дарежлива кон јагнето е друго прашање. Во првите анализи продлабочена е фиксацијата на возилата на Фиат, кои се произведуваат во Крагуевац. Преговорите за извоз на тие возила во Русија веќе попримаат епски размери, сето зајакнато со фактот дека од пробивот на „српскиот“ Фиат би можело да зависи и останувањето на торинскиот гигант во Крагуевац и во 2018 година. Меѓутоа и сега се говори за симболична бројка од неколку илјади возила кои би оделе за Русија, додека од таму би пристигнувале евтини модели на Лада.

„Ние цело време ги величаме потенцијалите на тој пазар на ЕЕУ, а како да не гледаме недостаток на можности за производство на што било, што би можеле да го извеземе тамо“, вели Јелена Милиќ. „Наши извозни пазари засега се регионот и Европската унија“.

Според податоците на Републичкиот завод за статистика, првите четири месеци годинава две третини од стоковата размена на Србија биле со земјите од ЕУ. Според важноста следуваат земјите од ЦЕФТА со кои Србија има суфицит од речиси 600 милиони долари за споменатиот период. Ако се гледаат поединечни држави, Руската Федерација е на трето место меѓу српските трговски партнери, далеку зад Германија и Италија и тесно пред Кина.