1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србија го плаши Западот со Русија

Потпретседателот на српската влада Ивица Дачиќ деновиве оцени дека Западот со својата политика ја турка Србија кон Русија. Проблемот е што за Србија нема никаков интерес ни Русија, велат аналитичарите.

default

Ивица Дачиќ

Српскиот министер за внатрешни работи, социјалистот Ивица Дачиќ деновиве остро ја критикуваше политиката на САД и на ЕУ кон неговата земја, заканувајќи се дека доколку Белград не добие кандидатура за ЕУ, некоја следна гарнитура би можела да се сврти кон Русија.

„За некому да не му падне на ум утре да и понуди на Русија да изгради воена база во Србија, ЕУ и САД ќе мораат да водат понепристрасна политика кон нас. Кога Американците би имале интерес да направиме голем договор околу Косово, тогаш можеби наш интерес би бил и да влеземе во НАТО. Но, тие очигледно не сакаат таков дил“, го заклучи Дачиќ своето надворешно-политичко размислување.

Според белградските аналитичари, изјавата на Дачиќ не може да се коментира од аспект на неговата функција на државник, туку исклучиво како изјава на претседател на Социјалистичката партија на Србија во пресрет на изборите во земјата. Притоа, иако во суштина се е точно, треба да се земе предвид дека Русија нема некаков интерес од Србија, вели Чедомир Антиќ, претседател на невладината организација „Напреден клуб“.

„Притоа не гледам потреба некој да ја турка Србија кон Русија, бидејќи Србија не е во интересната сфера на Руската федерација. И залагањата на Русија за Србија во изминатите десетина години беа со цел таа да си ги зацврсти позициите на просторите на поранешниот Советски сојуз. И второ, Русија не создаде никаква алтернатива во која ние би влегувале“, вели Антиќ.

Vladimir Putin und Mirko Cvetkovic beim Fußball-Freundschaftsspiel in Serbien

Владимир Путин со српскиот премиер на натпревар на Црвена Ѕвезда во Белград

Професорот на факултетот за политички науки Предраг Симиќ вели дека, според начинот на кој е интонирана, изјавата на Дачиќ може да наиде и на негативен одиум во Русија, односно Русија да се доживее како малку сакана алтернатива на евроатлантските интеграции.

„Не можете од една страна да барате помош од Русија во Советот за безбедност на ОН за Косово, или руски инвестиции, подобра економска соработка, а истовремено да играте на картата на ривалитетот на големите сили. Иако, факт е дека Србија се наоѓа во клинч меѓу интересите на Москва и Вашингтон“, вели Симиќ.

Последно предупредување до Брисел

Дилемата, дали Дачиќ со оваа изјава се обидува да ги „исплаши“ западните земји, дека доколку не ја примат Србија таа ќе отиде во прегратките на Русија, двајцата аналитичари ја анализираат од различни агли.

„Кога се работи за јавноста во тие земји, до нив едноставно не допираат изјавите ниту на претседателот на Србија, а не пак на потпретседателот на Владата. Оттука изјавата на Дачиќ беше упатена кон српската јавност, таа не беше упатена ни кон Русија“, смета Антиќ.

Симиќ вели дека можат да се бараат такви паралели, имајќи предвид дека изјавата на Дачиќ се поклопува со одлуката за кандидатурата на Србија во ЕУ.

„Можеби единствениот рационален аргумент кој би можел да доведе до српска кандидатура е тој дека евентуалната негативна одлука на Брисел практично би им задала смртоносен удар на проевропските сили, пред се’ на Борис Тадиќ и на коалицијата собрана околу него. Во таа смисла, оваа изјава може да се толкува и како некаква последна порака до Брисел во пресрет на одлуката на Брисел за кандидатурата на Србија“, заклучува Симиќ.

Автор: Ивица Петровиќ/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска