1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србите (непотребно) живеат на таблети

Кафетин, бенседин, бромазепан-дури еден милион Срби секојдневно пие лекови. Според проценките на стручњаците, половината од нив тоа го прави-непотребно. Граѓаните сами си земаат лекови, а на нив не штедат ниту лекарите.

Лековите за смирување, седативи или бензодиазепини спаѓаат во групата најкористени медикаменти во Србија. Кулминација на нивната „популарност“ е забележана во текот на воените 1990-ти години, иако и денес ги применува голем број луѓе, и тоа без консултација со лекар. Се проценува дека годишно еден милион луѓе во Србија подигнува околу единасет милиони пакувања од овие лекови, нешто на сметка на Републичкиот фонд за здравствено осигурување, дел без лекарски рецепт.

И покрај предупредувањата на стручњаците, дека употребувањето лекови на своја рака може да предизвика несогледливи последици за здравјето, голем број пацинети во Србија креира сопствена терапија со лекови кои најчесто во приватните аптеки можат да се набават и без рецепт. Освен антибиотици, релативно лесен пат до богатите куќни аптеки на пациентите имаат и седативите, без оглед на строгите критериуми за нивно издавање.

Граѓанка од Крагуевац до лоразепан и антибиотици доаѓа во приватните аптеки без лекарски рецепт:

„Иако моментно владее недостиг на лоразепам, во некои аптеки се‘ ште има понекоја кутија. Мојот пријател е специјалист и често ми обезбедува факсимил со кој одам во аптека по лек. Мислам дека тој ќе биде прв кој би ми рекол кога би претерала и би престанал да ми излегува во пресрет, па не гледам ништо лошо во тоа што на ваков начин набавувам лекови“.

Потоа треба да се лекува и зависноста

Лекарите советуваат стресот и проблемите да се надминуваат без употреба на лекови за смирување. По подолга употреба на седативи или хипнотици за решавање на проблемот со несоница, лесно може да дојде криза која носи вознемиреност, што е целосно спротивен ефект од саканиот:

„Пациентите најчесто долго ги земаат таквите лекови, по неколку месеци, па дури и години. Тоа, се разбира, може да предизвика одредени сериозни проблеми како што се зависност од овој вид медикаменти, која подоцна треба да се лечи“, вели за Дојче веле Горан Михајловиќ, директор на Клиниката за психијатрија во Крагуевац.

Во српскиот Републички завод за здравствено осигурување сметаат дека сегашната потрошувачка на лекови за смирување нема оправдување. Директорот на Заводот Александар Вуксановиќ предупредува дека прекумерното користење седативи по краток временски период доведува до создавање чувство на зависност кај пациентите, а Заводот се‘ повеќе треба да финансира таблетоманија, наместо лекување:

„Републичкиот фонд за здравствено осигурување нема никаква врска со одлуката на приватните аптеки дали лековите ќе ги продаваат или не. Но, при донесувањето критериуми дали некој лек ќе се препишува на сметка на Фондот, кој ќе има право и во колкаво количество да го препишува, како и колку долго, се консултира и слуша лекарската бранша. Ние не можеме да финансираме нечија таблетоманија. Потесната бранша, а тоа се психијатрите и невропсихијатрите, дефинираат критериуми и одредуваат кому овие лекови се навистина потребни и тогаш пациентите ги добиваат на сметка на Фондот“.

Половина од лековите се земаат непотребно

Според проценките на стручњаците, за над половина од лековите кои денес слободно се применуваат, нема медицинско оправдување. Дополнителен проблем претставува големиот број нови лекови на пазарот за кои често ни самите лекари не се точно информирани:

„На пазарот во оптек се над три илјади лекови, така што ни здравствените работници често не можат да се снајдат во таа шума од лекови, иако постојат бројни информации за нив. Меѓутоа, сите информации за лековите не се секогаш и целосно точни, па треба добро да се внимава за да се стигне до правилните податоци“, вели за Дојче веле Слободан Јанковиќ, клинички фармаколог и професор на Медицинскиот факултет во Крагуевац.