1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србите и Албанците во „братство и единство“ во криминалот

Заедничкото управување со граничните премини меѓу Србија и Косово ја смали, но не ја елиминираше нелегалната трговија. Во неа свој интерес подеднакво наоѓаат и Србите и Албанците.

Во процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, земјите-членки на ЕУ инсистираат на примена на договореното, а тоа е неопходно за одлуката за можен напредок на Србија и на Косово на европскиот пат. Во однос на договорот од 2011-та година за слобода на движење на луѓето и стоката, последните информации зборуваат за напредок, но и за „сиви зони“ и проблеми во секојдневното функционирање на граничните премини.

Aleksandar Popov Politologe aus Serbien

Александар Попов

Александар Попов, директор на Центарот за регионализација, вели дека податоците им се претставени на претставници од ЕУ, и дека тие се дел од претходен проект, пред потпишувањето на Бриселскиот договор.

„Тогаш заклучивме дека поради нерегулираните односи меѓу Белград и Приштина, околу 40 проценти од трговијата со стока се наоѓа во сива зона и дека тука постои ’братство и единство’ во криминалот меѓу Албанците и Србите. Сега утврдивме дека е намалена разликата во евидентираната стока од страна на српските и косовските органи со воведувањето на интегрираното гранично управување. Таа разлика дури е намалена на шест проценти, што е во прифатливи граници. Тоа и натаму не ја исклучува сивата зона, но состојбата очигледно се подобри“, заклучува Попов.

Има заинтересирани северот на Косово да стане „вакуум“

Во Брисел беа претставени споредбените официјални податоци на Белград и Приштина, но и факти собрани од терен, од извозници, преку транспортери до заинтересирани страни. Брисел констатира дека договорите за царина не се применуваат во потполност, бидејќи северот на Косово се’ уште не е вклучен во царинското подрачје на Косово.

EU Außenpolitik Ashton, Dacic und Thaci in Brüssel OVERLAY

Договорот носи резултати - Дачиќ, Ештон и Тачи

Иако косовскиот премиер Хашим Тачи на последната рудна од дијалогот во Брисел објави дека договорот за косовскиот царински систем е финализиран и дека тој „ќе функционира на целата територија на Косово и ќе собира приходи и од царината на премините на северот’, сепак во Центарот за регионализација велат дека се’ уште има отпор од сите страни кои имаат интерес „северот да остане вакуум“ и да не биде вклучен во ниту еден институционален систем.

Податоците зборуваат дека трговијата меѓу Србија и Косово е многу „еднонасочна“. Додека извозот од Србија на Косово изнесуваше 300 милиони евра во 2012 година, обемот на трговија во спротивен правец не надминува 10 милиони евра. Во Косово се увезуваат пред се’ прехранбени производи, нафта и градежен материјал, додека од Косово во Србија се увезуваат производи од железо и челик, како и отпад кој се извезува за рециклажа во друга земја.

Задачи и за Белград и за Приштина

Grenze Kosovo Serbien

Задолжителното осигурување ја зголемува цената на стоката транспортирана со камиони

Денес постои растечки тренд на премин на границите. Речиси 5.000 лица дневно ги минуваат премините во еден и друг правец, а тоа е потврда на интересот на луѓето да го остваруваат правото на слободно движење поради професионални, семејни или други причини.

Од Центарот за регионализација вниманието посебно го свртуваат кон прблемот со „нецаринските бариери“. Една од нив е задолжителното осигурување на возилата.

„За камионите тоа се огромни суми кои значително ја зголемуваат цената на стоката. Тука мора што побрзо да се бара решение, бидејќи оваа ситуација значително влијае на реалната слобода на движење на стоката и луѓето и се надевам дека меѓународната заедница ќе го направи она што треба“, вели Попов за Дојче веле.