1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србите го блокираа судот во Косовска Митровица

Косовските Срби утрово го блокираа влезот во Основниот суд во северниот дел на Косовска Митровица, каде денеска треба да се донесе пресуда за шестмината Срби осомничени за мартовските немири во овој град од 2008 година.

Јаки полициски сили на Еулекс, кои пред 7 часот пристигнаа пред зградата на судот, не можеа да влезат во него бидејќи Србите ги оневозможија во намерата. По краткото задржување тие се вратија назад во правецот од кој дојдоа.

Во градот се слушнаа сирени за узбуна, што беа своевиден повик за граѓаните за собирање, а двете капии што водат кон Основниот суд во Косовска Митровица се блокирани од тешка механизација, еден багер и неколку камиони, што се препречени на патот.

Граѓаните и натаму се собираат пред зградата на судот, а со нив е и општинското раководство и началникот на округот Раденко Недељковиќ.

Шестмината Митровчани се осомничени за учество во мартовските немири од 2008 година, а на товар им се ставаат најмалку 20 кривични дела. Осомничените се товарат за нелегално заземање на судот во северниот дел на Косовска Митровица, повик на отпор, попречување на службено лице во вршењето на службена должност, учество во толпа што врши кривично дело, загрозување на ОН и придружниот персонал.

Случајот е поврзан со мартовските настани од 2008 година, кога дојде до затворање на судот откако имаше судир меѓу меѓународните сили и Србите.

Во текот на инцидентите што следеа загина еден украински полицаец, а беа повредени 64 полицајци на УНМИК, 24 припадници на КФОР и околу стотина српски демонстранти.