1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Спроти самитот на ЕУ

На самитот на ЕУ што почнува попладнево во Брисел, шефовите на држави и влади имаат намера да разговараат за првите чекори што ќе ја поведат Унијата надвор од уставната криза.

Барозо и Шисел неодамна во Европскиот парламент

Барозо и Шисел неодамна во Европскиот парламент

При тоа очите на многумина се свртени кон Германија, која на почетокот на 2007-та го презема претседателството со ЕУ. Канцеларката Ангела Меркел спроти самитот најави дека очекува на дводневната средба да се одреди барем насоката во продолжувањето на уставниот процес. Шефот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо повика од самитот да произлезе сигнал на нов почеток. Освен за уставната криза, на самитот ќе стане збор и за иднината на проширувањето, како и за други конкретни проекти што се важни за натамошниот развој на Унијата.

Проблемот со европскиот устав повторно се враќа на дневниот ред во голем стил. Францускиот претседател Жак Ширак на неодамнешната средба со канцеларката Ангела Меркел отворено призна:

„Се наоѓаме во тешка состојба, од која секако ќе излеземе, но ни треба време за размислување...„

Многумина меѓутоа се прашуваат до кога треба да трае паузата за размислување? И што треба да произлезе на крајот од тој процес? Треба ли да се донесе нов предлог устав? Актуелниот претседавач со ЕУ, австрискиот канцелар Волфганг Шисел одмавнува со раката кога е станува збор за последното прашање:

„Прво некој треба да ми предложи подобар модел и да стави на маса подобри идеи, дури тогаш би можел да ме убеди. Но, во моментов не гледам никаков подобар модел!„

Нов предлог устав би бил проблем и поради тоа што веќе 16 членки на ЕУ го ратификуваа сегашниот документ. Ним секако не може да им се наметне уште еднаш да го минат целиот макотрпен процес. Освен тоа, донесување нов документ не би помогнало многу, бидејќи според анкетите на јавното мнение, во Франција е дури зголемен отпорот против уставот.

Така многумина го вртат погледот кон германското претседателство на почетокот од наредната година, а канцеларката Ангела Меркел се чини го прифаќа предизвикот:

„Согласни сме прашањето на уставниот договор повторно да се стави на дневниот ред по фазата за размислување. Во периодот до тогаш ќе размислуваме за тоа како да продолжи процесот што ќе трае натамошни 18 месеци, така што конечното решение треба да падне во време на француското претседателство со ЕУ.„

Тоа не значи дека од германската канцеларка може да се очекуваат чуда. Во цела Европа се шири замор од проширувањето. Шефот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо спроти самитот посочи дека најчесто зад отпорот против уставот на Унијата се крие стравот од натамошно проширување. Според него јасно е дека нема прием на земјите од Западниот Балкан или на Турција пред да биде усвоен уставот на Унијата. Токму идните проширувања се главната причина за донесувањето на уставот.