1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Спречен напад на радикални муслимани во Британија

Шестмина осомничени исламски радикали пред судот во Британија признаа дека планирале терористички напад за време на одржувањето на протестен марш на десничарска партија.

Шестмина британски муслимани признаа денеска на судење во Лондон дека планирале  бомбашки напад врз учесниците еден од маршевите на движењето Англиска одбранбена лига (ЕДЛ). Во јуни минатата година, тие самите изработиле бомба што требало да биде фрлена меѓу учесниците на маршот на ЕДЛ во англискиот град Дјузбери, но додека стигнале до таму од Западен Мидлендс, каде живеат, собирот веќе бил завршен.

Шестмината бомбаши беа откриени сосема случајно при една рутинска контрола, кога нивното возило било запрено затоа што не било осигурено за 2012 година. При претресот на автомобилот, полицијата ја нашла рачно изработената експлозивна направа, па тие беа уапсени под обвинение за тероризам. Претставник на полицијата на судењето изјави дека доколку заговорниците успееја во нивниот план, на маршот во Дјузбери во Западен Јоркшир, сигурно ќе имало мртви и ранети лица. Само за еден од оваа група, полицијата имала досие за поврзаност со друг исламистички заговор. Британското контраразузнавање го надгледувало неговото движење и однесување, но тој не бил уапсен.

Судот ги осуди сите шестмина за обид за терористички напад, а казните ќе им бидат определени на почетокот од јуни.

Англиската одбранена лига е десно ориентирано движење на главно млади од Англија, која во текот на минатата и предминатата година, изведува маршеви низ улиците на англиските градови против „исламизацијата“ на земјата. Нивните маршеви беа осудувани од британските левичарски движења и организации, а некои градови во земјата не дозволија такви собири.