1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Спор околу улогата на ММФ во европската криза

Франција се бори за засилена улога на ММФ во спасувањето на еврозоната. Во тоа има поддршка од неколку земји членки на Групата Г20.

default

Од дипломатски кругови на средбата на министрите за финансии и на шефовите на централните банки на Групата Г20 во Париз се дознава дека конечната одлука за евентуалното зголемување на улогата на ММФ во спасувањето на еврозоната ќе биде донесена на самитот на Групата закажан за ноември во Кан. Особено бурна беше денеска дебатата околу тоа дали засилената улога на ММФ би значела и зголемување на неговиот капитал. Додека некои од дипломатите во Париз тврдеа дека на ММФ му требаат секако повеќе средства за да се справи со системската криза, други беа против.

Поддршка за предлогот на Франција дојде и од економските сили во подем Кина, Индија и Бразил, кои најавија дека набрзо би можеле да учествуваат со свои средства во зголемување на капиталот со кој располага ММФ. Тие се надеваат дека на тој начин би можеле да стекнат и поголемо влијание врз одлуките на Фондот. Но, против таквите промени се големите играчи како САД, Канада и Австралија.

IWF Weltbank Jahrestagung Herbsttagung

Гајтнер во разговор со шефицата на ММФ, Кристин Лагард

Американскиот министер за финансии Тимоти Гајтнер денеска во Париз порача дека Европејците располагаат со дволно средства за сами да можат да ја надминат актуелната должничка криза. Затоа според САД нема потреба од зголемување на финансиските средства со кои располага ММФ.

Франција и Германија со заеднички став

Вчера, на првиот ден од средбата во Париз Германија и Франција манифестираа единство околу надминувањето на кризата во банкарскиот сектор, што се наѕира поради можниот банкрот на Грција. Експертите и политичарите од евро-зоната изминатите денови со голема загриженост го набљудуваат можното дестабилизирање на големите банки во екот на должничката криза. Ова се однесува особено на француските банки, кои имаат големи количества грчки државни обврзници.

Овие проблеми мораат да бидат надминати со целно насочени мерки, порача германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле. „Кон тоа спаѓа подоброто снабдување на системски релевантните банки со неоходниот капитал!“

G7-Finanzminister beraten‎ in Marseille Frankreich Francois Baroin Wolfgang Schäuble 2011

Министрите за финансии на Германија и Франција, Волфганг Шојбле (во количка) и Франсоа Бароан

Сличен е ставот и на францускиот колега на Шојбле, Франсоа Бароан, кој е поконкретен и најавува законски мерки што ќе ги принудат големите банки да ја зголемат стапката на сопствен капитал од сегашните 4% на 9%. На тој начин би требало да бидат подобро позиционирани за можната криза со државните обврзници од презадолжените земји, како Грција. Бароан дури бара банките прво да ги исполнат таквите прописи пред да смеат да исплаќаат дивиденди на акционерите или бонуси на менаџерите.

Банките воздржани

Шефот на германската Централна банка Јенс Вајдман со скепса реагира на ваквите барања на политиката. Тој нагласува дека од чисто правна гледна точка не е можно на банките да им се забрани да ги исплаќаат ветените бонуси за менаџерите и дивидентите за акционерите. Тој меѓутоа е против избрзани реакции и вели дека прво треба да се причека какви одлуки ќе донесат надлежните министри за финансии.

Истото е и со бурната дебата околу можната рекапитализација на банките. Според најавите од политичките кругови, во случај на криза банките би требало да се обидат прво да се снабдат со дополнителен свеж капитал на финансиските пазари.

Deutschland Bundesbank Bundespräsident ernennt Jens Weidmann als Bundesbankpräsident

Претседателот на германската Централна банка, Јенс Вајдман

Доколку тоа не биде можно поради актуелната криза и растечката недоверба на вложувачите, тогаш на помош на банките би требало да им прискокнат државите, а дури на крај и европскиот фонд за спас ЕФСФ. При тоа веднаш се забележува дека меѓу Французите и Германците има разлики во толкувањето на овој принцип.

Против рекапитализација

Германските банки во меѓувреме најавуваат отпор против најавената рекапитализација, бидејќи тоа би го зголемило мешањето на државата во нивните зделки. Освен тоа на тој начин би бил нарушен нивниот углед на финансиските пазари: „Мислам дека не треба да претеруваме. Германските банки се добро капитализирани. А најавеното зголемување на стапката сопствен капитал од 4% на 9% проценти, при што на банките автоматски би им недостасувале средства за таа операција што ќе мораат да ги побараат од државата, таквата мерка мислам дека нема да придонесе за зголемување на довербата на берзите“, оценува раководителот на Здружението на германските банки, Михаел Кемер.

Автор: Волфганг Ландмесер / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска