1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Спор за името: Венизелос очекува помош од српскиот претседател

Со посета на Белград, шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, во својство на претседавач на министерскиот совет на ЕУ, ја започна четиридневната турнеја по земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија.

Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос изјави дека во решавањето на спорот за името со Македонија очекува помош и од српскиот претседател Томислав Николиќ (насловна фотографија), имајќи предвид дека српскиот претседател „придонесол многу во однос на воспоставувањето на стабилноста и пријателските односи во земјите од регионот“.

Шефот на грчката дипломатија, кој со посетата на Србија ја започна својата турнеја во земјите од Западен Балкан, порача дека за време на своето шестмесечно претседавање на Грција со ЕУ, Атина ќе направи сe‘ за Србија да отвори што е можно повеќе поглавја од пристапните преговори, со цел земјата до 2020 година да стане рамноправна членка на Европската унија (ЕУ).

„Ние ќе направиме сe‘ за време на грчкото претседавање со ЕУ да се отворат што е можно повеќе поглавја во пристапните преговори меѓу Србија и ЕУ, за преговорите да напредуваат што побрзо и Србија да може да стане дел од ЕУ до 2020 година“, изјавил Венизелос по разговорите со српскиот премиер Ивица Дачиќ.

Пресудно значење за стабилноста на Западен Балкан

Венизелос потсетил дека преговорите не се однесуваат само на политичките, туку и на техничките прашања, и порачал дека Грција е подготвена да и’ даде на Србија секаква можна техничка помош на патот кон ЕУ. Грчкиот министер за надворешни работи потенцирал дека и по завршувањето на претседавањето со ЕУ, Грција ќе продолжи да прави сe‘ што е во нејзина моќ за ритамот на преговорите со Србија да се задржат на високо ниво.

„Почетокот на преговорите и самото пристапување на Србија кон ЕУ ќе бидат од пресудно значење за стабилноста на Западен Балкан“, изјавил Венизелос, додавајќи дека е задоволен поради тоа во што предизборниот период во Србија има висока политичка свест околу тоа дека изборите не треба да влијаат на процесот на пристапните преговори.

Progressive Alliance Gründungsveranstaltung Evangelos Venizelos

Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос

„Ние ќе направиме сѐ, иако во тек е предизборната кампања, Србија да не заостане во процесот на европските интеграции, а тоа значи изборите да не остават трага во процесот на пристапувањето и реформите кои Србија треба да ги спроведе, како и во дијалогот со Приштина“, порачал српскиот премиер Дачиќ, нагласувајќи дека Србија сака до 2018 година да ги исполни сите технички предуслови и критериуми, за во 2020 година да може да стане рамноправна членка на ЕУ.

Венизелос во четврток во Македонија

Дачиќ и Венизелос се согласиле дека Србија и Грција имаат добри и блиску односи, а српскиот премиер оценил дека Грција „е можеби најголемиот пријател на Србија во ЕУ“, изразувајќи благодарност до Атина за разбирањето и поддршката.

Венизелос по завршувањето на посетата на Србија ќе ја посети и Црна Гора, а во среда својата турнеја ја продолжува во Босна и Херцеговина и Косово. Во четврток грчиот министер ќе ја посети и Македонија, а турнејата ќе ја заврши истиот ден во Тирана.