1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Спортски пулсирања

Викенд на успеси на германските претставници во повеќе спортови, меѓународниот фудбал останува во фокусот на вниманието.

default

Куп на конфедерациите: Шпанија ја забележа 33 последоватолна победа

Јужноафриканската Република го има задоволството да ги поздрави учесниците на годинашниот Куп на конфедерациите, најдобрите селекции од сите континенти, но истовремено полага и голем тест за подготвеноста да биде добар домаќин на наредното светско фудбалско првенство. Љубителите на фудбалот создадоа добра атмосфера на стартот на натпреварувањето, но репрезентацијата на Јужноафриканската Република не успеа таа предност да ја материјализираат во дуелот со Ирак, кој заврши без голови. Спортски успех на домашната селекција на Купот на конфедерациите е од огромно значење за создавање соодветно расположение за светското првенство наредната година.

Фаворитот на ова натпреварување, европскиот првак Шпанија, се докажа во таквата улога - ја победи селекцијата на Нов Зеланд со 5 спрема 0 и веќе 33 средби последовно не знае за пораз. Уште само два натпревара ја делат Шпанија од апсолутниот рекорд, што го држи Бразил, чија селекција еднаш направи серија од 35 средби без пораз.

Германските ракометари обезбедија пласман на наредното ЕП

Handball WM Kroatien Heiner Brand im Spiel Deutschland vs Norwegen

Германската ракометна репрезентација

Машката ракометна репрезентација предвреме го обезбеди учеството на наредното европско првенство в година во Австрија, по победата над Словенија со 38 спрема 30. Предноста од осум голови, што ја создадоа Германците во првиот дел, без проблем ја одржаа во вториот. Тоа беше шеста победа на германските ракометари во исто толку настапи во квалификациите. „Олеснувањето е многу големо. Морам да му искажам голем комплимент на тимот. Беше сензационално како успеа да направи убедлива предност уште во првото полувреме“, оцени тренерот Хајнер Бранд. Инаку, претходно и женската селекција исто така обезбеди учество на Европското првенство.

Традиционален меѓународен атлетски митинг во Берлин

Кулминација на манифестацијата беше кога Ариане Фридрих во скок во височина прескокна 2 метра и шест сантиметри. Таа го подобри за еден сантиметар 18 години стариот германски рекорд на Хајке Хенкел и малку и‘ недостасуваше да го собори и светскиот рекорд кој изнесува 2 метра и девет сантиметри.

Ariane Friedrich

Ариане Фридрих

„Кога имаш таква подршка од публиката, тогаш си среќен што си овде и можеш да се надминеш себе си. Поради тоа, ќе биде жешко овде по два месеца“, рече Фридрих. 64 илјади гледачи го следеа митингот на стадионот на кој по два месеца ќе се одржи и светското првенство.

Ариеане Фридрих се наметнува како голем фаворит, уште повеќе што вчера ја доби и психолошката битка со светската првенка Бјанка Влашиќ од Хрватска, која го освои второто место. Резултатот на Германката е најдобар во светот годинава. „Се надевав дека таа може годинава да прескокне 206 сантиметри, но искрено кажано не го очекував тоа во Берлин. Но, денеска условите беа идеални, топло беше, публиката сензационална“, рече Гинтер Ајзингер, тренер на Ариане Фридрих.

Томи Хас повторно со пехар в рака

Сензација е и победата на 31-годишниот Томас Хас на тенискиот турнир Гери Вебер опен во Хале во Вестфалија. Во финалето Хас го совлада четвртиот на светската ранг-листа, Србинот Новак Ѓоковиќ со два спрема 1 во сетови - 6 : 3, 6 : 7 (4 : 7), 6 :1. Ова е 12 АТП-турнир, прв на подлога од трева, што го освои Хас во кариерата и добар предзнак пред грен-слем турнирот во Вимблдон, што започнува по 8 дена. „Посебно е чувството повторно да освоиш еден турнир, уште и на трева - што е за мене прв пат, и тоа пред своја публика во Германија“, изјави Хас. Последен пат тој освои турнир пред повеќе од две години, во меѓувреме главно имаше проблеми со повреденото рамо.

Штефи Граф наполни 40 години

Најуспешната тенисерка на сите времиња, Германката Штефи Граф, вчера го прослави 40-от роденден. Таа, заедно со Борис Бекер, во последните две децении на минатиот век ја кренаа популарноста на тенисот во Германија на дотогаш невидено ниво.

Steffi Graf bei den French Open

Штефи Граф, германска тениска легенда

Граф заигра тенис на тригодишна возраст. 14 години подоцна, во јуни 1987, веќе беше победничка на Ролан Гарос. Два месеца потоа се искачи и на првото место на светската ранг-листа. 1988 и’ беше најуспешната во кариерата - ги освои сите четири грен-слем турнири (во Мелбурн, Париз, Вимблдон и Њујорк), а се избори и за златен медал на олимпијадата во Сеул. Следеа години на доминација, прекинати дури со појавата на Моника Селеш, како и со повреди. По даночната афера, поради која татко и’ мораше да оди в затвор, Граф речиси 4 години ретко можеше да се види на тениските терени.

Триумфално се врати во 1999 со победата на Ролан Гарос. „Мислам дека тоа беше најтешката победа во мојата кариера. Секоја победа има свое значење, но оваа сега ја ставам на прво место“, рече Штефи Граф. Кратко потоа, на 13 август истата година, се повлече од врвниот спорт. Остана забележано дека победи на 107 турнири, освои 22 титули од грен-слем турнири, вкупно 377 недели, односно повеќе од 7 години беше прва на светската ранг-листа. Штефи Граф од 2001 година му е сопруга на Андре Агаси, американски тенисер од светски глас, со кого има две деца и живее повлечено во Лас Вегас.

Автор: Андреас Цимос / Зоран Јордановски / дв

Редактор: Александра Трајковска