1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Спортски дух и политичка критика во Сочи

Еден ден пред свеченото отоворање на Олимписките игри во Сочи расте возбудата кај спортистите. Истовремено не запира критиката за дискриминација на хомосексуалците во земјата домаќин Русија.

Утре (07.02) свечено ќе бидат отворени XXII. Зимски олимписки игри во руското одморалиште Сочи. Речиси половина од жителите во светот се очекува да ја следат манифестацијата преку медиумите. Детали од свеченоста домаќинот не открива. Дури и шефот на Кремљ Владимир Путин нагласи дека нема да изнесе детали.

Во Сочи во моментов течат последните подготовки. Првите квалификации веќе започнаа, а познати личности (на насловната фотографија рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров) го носат олимпискиот оган низ градот на Црното Море.

Ban Ki Moon Sotschi

Бан Ки Мун во Сочи

Истовремено не запира критиката за односот кон хомосексуалците во Русија и демократските дефицити во земјата. Без да го именува директно домаќинот на Олимпијадата, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун одржа пледоаје против сексуалната дискриминација од секаков вид: „Сите ние мораме да го кренеме нашиот глас против нападите врз лезбејки, педери, бисекусалци, трансекцуалци и интерсексуалци“, побара Бан во говорот пред Меѓународниот олимписки комитет во Сочи. „Ние мораме да се спротивставиме на апсењата, приведувањата и дискриминаторски рестрикции, на кои се изложени“.

Забрана за „хомосексуална пропаганда“

Закон усвоен од руската Дума изминатото лето предвидува казна за „Пропаганда на нетрадиционални сексуални односи кај малолетници“. Со тоа на хомосексуалците, кои во присуство на малолетни лица позитивно се произнесуваат за хомосексуалноста им се закануваат парични и дури и затворска казна.

Во отворено писмо објавено во британскиот весник „Гардијан“ повеќе од 200 меѓународно познати писатели ги критикуваа руските закони за хомосексуалност и бласфемија. „Една здрава демократија мора да ги слуша независните гласови на сите нејзини граѓани“, се вели во повикот. Светската заедница би морала да го слушне различното руско мислење и „од него да биде збогатена“. Потписниците ја повикуваат руската влада повторно да ги укине законите кои „слободното изразување на мислењето го ставаат вон сила“.

Апелот меѓу другите го потпишаа носителите на Нобеловата награда за литература Гинтер Грас, Воле Сојинка, Елфриде Јелинек и Орхан Памук. Други потписници се Салман Ружди, Маргарет Етвуд и Џонатан Францен.

Домаќинот на Олимпијадата Русија повика за време на Игрите да се почитува олимпискиот мир и да се положи оружјето. „Нашиот апел во прва линија е насочен кон страните во крвавиот конфликт во Сирија, кој не само што ја дестабилизира состојбата во оваа земја туку и во регионот“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи. Сирија не е меѓу 87 земји учеснички на XXII. Зимски олимписки игри.